Македон од Тетово – чудо од дете кое освои златен медал во конкуренција со 4.000 учесници од цел свет

Македон Димитровски е македонско чудо од дете, ученик во ОУ „Лирија“ во Тетово, во второ одделение, и има неполни 8 години а решава математички задачи од втора година од средно образование.

Нашиот мал генијалец донесе златен медал по математика, во конкуренција со 4.000 учесници од цел свет.

Тој е дружељубив и секогаш расположен за своите другарчиња и соученици. Меморијата на Македон е на завидно ниво, зборува течно англиски, а учи германски, грчки и кинески.

Неговите родители Владимир и Тина Димитрови се многу горди на своето чедо.

– Македон почна да чита на две иполгодини. Набрзо почна да го интересира математиката. Започна со таблиците за множење па премина на квадратни корени. Потоа почна и да множи двоцифрени броеви на памет, изјави мајката Тина.

Владимир, таткото, вели во семејството немале ваков случај. На 4 години му бил утврден IQ 134, со совет дека кога ќе појде в училиште тој ќе се надоградува и може да достигне до IQ150.

– Многу брзо сфативме дека имаме посебно дете. Додека шетавме низ град со него тој ги знаеше табличките на колите. На 2-3 години течно ни ги читаше титловите на филмовите. Не сме работеле со него, па затоа отидовме да се посоветуваме. Ние со сопругата сме стоматолози и не сме во математиката. Се што досега има научено Македон тоа го сторил самиот, покажувајќи индивидуален интерес. За среќа тука е наставничката во неговото училиште “Лирија“, Јасмина Костовска која секогаш ја прилагодува наставата за него, со повеќе обврски, покомплицирани задачи. Таа вели дека знаела каков ученик ќе има, а тоа во нејзината 27 годишна кариера бил огромен предизвик, вели таткото Владимир.

Се надеваме дека ова дете ќе добие поддршка од општеството за попнатамошен развој, бидејќи вакви генијалци ретко се раѓаат.

Сегашниот македонски образовен систем нема соодветни програми или служби за талентирани и надарени деца.

Останати вести