Според симулацијата со добиените гласови по партии на изборите во 2020 а со една изборна единица (но во комбинација со изборен праг на национално ниво од 5 отсто – најчестиот изборен праг во Европа), помалите партии би добиле помалку пратеници отколку при постоечкиот изборен модел со шест изборни единици без формален праг
Во Република Македонија неколку години наназад се покренува прашањето за измена на Изборниот законик, пред се во делот на промена на бројот на изборни единици, односно сведување на територијата на земјава од шест на една изборна единица. Главни „заговорници“ на ваквата идеја се помалите политички партии, кои сметаат дека на тој начин ќе им се зголемат шансите за нивно самостојно претставување во Собранието, ќе се изедначи „тежината“ на секој глас и ќе се обезбеди поголема пропорционална застапеност на партиите согласно бројот на освоени гласови на изборите.
Но, истражувањето „С Македонија на европската изборна мапа: Колку е порпорционален македонскиот изборен модел?“ на политикологот Кристијан Фидановски и раководителката на Центарот за парламентарна поддршка и демократизација во рамки на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ (ИДСЦС), Влора Речица, промовирано пред десетина дена, покажува дека актуелниот изборен модел во земјата е меѓу најпропорционалните во Европа, односно еден од моделите којшто овозможува да има повеќе партии во Собранието, што го прави релативно поповолен токму за помалите партии.
Според Фидановски, кој е докторант по семејни, социјални и пронаталитетски политики на универзитетот Оксфорд и автор на десетици академски трудови и колумни од областа на домашната и меѓународната политика, комуникологијата, јавното здравје и демографијата, темата за изборниот модел е исклучително важна, но истовремено се работи и за една техничка тема, која што понекогаш е тешко да и се претстави за пошироката јавност.
Тој потенцира дека она што најмногу му пречи кога се говори за темата за изборниот модел е тоа што се зборува само за “една изборна единица“.
– Тоа се тие три збора што се користат и под тие три збора всушност се опфаќа целокупната тема за изборните реформи – значи една изборна единица или бројот на изборни единици се третира како синоним за изборен модел. Изборниот модел е всушност нешто многу пошироко, а изборниот систем во целина е нешто уште пошироко, потенцира Фидановски.
Според него, изборниот модел изискува од аналитичарите и политичките чинители да разгледуваат повеќе параметри, затоа им било важно да ја прикажат состојбата во Европа, бидејќи многу често во дебатата за ова прашање во земјава фокусот се става на тоа која партија колку пратеници би имала во одредени конфигурации, а се пропушта големата слика поврзана со оваа тема.
Во истражувањето се заклучува дека Македонија се одликува со значителна натпросечна пропорционалност според три клучни елементи на изборните модели: големината на изборните единици, изборниот праг и бројот на пратеници. Единствен исклучок од ваквата висока пропорционалност е употребата на Д’Онтовата изборна формула, која важи за најмалку соодветно репрезентативна меѓу пропорционалните изборни модели, но која во исто време е и најчесто користена во Европа.
– Со оглед на исклучително високата пропорционалност на актуелниот изборен модел, оваа студија проблематизира со дел од аргументацијата на поборниците за изборни реформи кон (уште) повисока пропорционалност. Во согласност со постоечките сознанија во политичките науки за негативните страни на високо пропорционалните изборни модели, посочуваме дека евентуалното воведување на (уште) попропорционален изборен модел би можело сериозно да го загрози формирањето и стабилноста на извршната власт, на тој начин (дополнително) ослабувајќи ја македонската демократија, заклучуваат авторите на истражувањето.
– Ние не се фокусиравме на тоа кои партии колку мандати ќе добијат, затоа што би навлегле во друга тематика, туку се фокусиравме на тоа што би значело промената на изборниот модел за процесот на демократизација на државата, вели Влора Речица.
Според неа токму затоа се фокусирале на промената на изборниот модел во една изборна единица, за што веќе е покрената иницијатива во Собранието.
Мнозинскиот модел, од друга страна, по правило, води до полесно обезбедување парламентарно мнозинство и формирање стабилна влада, за разлика од пропорционалниот, каде коалициските влади се речиси неизбежност или се формираат т.н. малцински влади, чие опстојување зависи од опозициските партии. На тоа се надоврзува и прашањето за стабилноста на формираните влади, иако, мора да се напомене, дека коалициските влади не се секогаш и помалку ефикасни или помалку стабилни.
Но, анализите покажуваат и дека пропорционалниот изборен модел, по правило, резултира со поголема излезност на избори. Една проценка, како што се наведува во студијата, заснована на истражување во посткомунистичките земји, укажува дека зголемувањето на процентот на пратенички места избрани со пропорционален изборен модел за 10 проценти, резултира со зголемување на излезноста и до 20 проценти.
Истражувањето „Колку е порпорционален македонскиот изборен модел?“ е спроведено со анализа на 32 европски држави – сите членки на ЕУ, без Грција и Унгарија (чии изборен модел не дозволува едноставна класификација), шесте земји од Западниот Балкан и Велика Британија, како држава со eдна од најдолгите парламентарни традиции во Европа.
Во однос на големината на изборните единици, во европските земји кои користат пропорционален модел има прилично малку варијации. Од една страна се Германија, каде има изборна единица во која се избираат само два пратеника, Австрија, Босна и Херцеговина и Ирска со по четири или Малта со пет, на друга страна се Данска со 18 пратеници во една изборна единица, Македонија и Летонија со по 20 и Литванија со 35 пратенички мандати, а на самиот крај држави во кој сите пратеници се избираат во единствена изборна единица – Србија, Словачка, Косово и Црна Гора.
– Во секој случај, важно е да не се заборави дека изборната формула е релативно мал фактор за севкупната пропорционалност на изборниот модел. Разликата во пропорционалност помеѓу, на пример, држава која ја користи формулата на Сент-Лаги и држава која се определила за Д’Онтовата формула би била незначителна (максимум неколку пратенички места), доколку сите останати елементи од нивните изборни модели би биле исти, се посочува во анализата.
Фидановски потенцира дека Д’Онтовата формула со своите количници важи за порестриктивен метод за распределба на пратеничките места и им оди во полза на поголемите партии на сметка на помалите.
– Со тоа многу гласови, условно кажано, остануваат „проарчени“, додава Фидановски.
Единствени порестриктивни од Македонија се оние држави кои имаат мнозински или комбинирани мнозинско-пропоционални модели, како Франција, Велика Британија и Полска.
Бројот на пратеници зависи од големината на населението на државата, односно држави со помал број жители вообичаено имаат и помал број пратеници, но карактеристично е тоа што кај земјите со помалубројно население, по правило, има поголем број на пратеници по глава на жител.
Во однос на бројот на пратеници постои значителна разновидност во земјите опфатени во анализата. Така, Малта, Црна Гора и Луксембург имаат барем десет пати поголем број пратеници на 100,000 жители, во однос на Италија, Обединето Кралство, Германија, Франција, Холандија и Шпанија.
Македонија има натпросечен број пратеници (6,4 на 100.000 жители), што ја надминува просечната вредност низ примерокот (4) за преку 50 отсто и ја сместува земјата на делба на шестото место во примерокот. Дополнително, сите пет држави кои се наоѓаат пред Македонија (Mалта, Црна Гора, Луксембург, Естонија и Кипар) имаат помалубројно население од нашето, се наведува во анализата.
Од друга страна, држави со слична големина на населението како нашата – Албанија и Словенија, имаат значително помалку пратеници на 100,000 жители. Словенија, на пример, со своите 80 пратеници при население од 2,1 милион жители има една третина помалку пратеници од Северна Македонија.
Според авторите на анализата, Македонија има генерално попропорционален модел од сите четири држави во Европа со една изборна единица (Црна Гора, Косово, Србија и Словачка), што е уште еден показател дека јавната дебата за изборни реформи што вообичаено се изедначува со расправа за „една изборна единица“, е погрешно именувана, a честопати и погрешно водена.
Авторите извршиле симулација на распределбата на пратенички места врз основа на изборните резултати од 2020 година при различни изборни модели. Според оваа симулација, со една изборна единица, но во комбинација со изборен праг на национално ниво од 5 отсто (најчестиот изборен праг во Европа), носи помалку пратенички места за помалите партии отколку постоечкиот изборен модел со шест изборни единици без формален праг.