Македонија купува осум италијански хеликоптери од „Леонардо“ -фирма со многу скандали низ светот

Министерството за одбрана на Македонија ќе потроши 327 милиони евра за набавка на четири хеликоптери „Леонардо“ (порано „Augusta Westland“) AW149 и четири AW169M. Министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека со оваа набавка ќе се заменат застарените советски летала Mi-8 и Mi17.

„Леонардо“ дал најдобра понуда во споредба со хеликоптерите на „Ербас“ со H145M и H225M, на „Бел “со 412M и на „Локхид Мартин“со S-70 Black Hawk. Според Петровска, изборот е направен врз основа на комплетноста: цена, одржување, животниот век и идна перспективност.

Додава дека „Леонардо“ бил одбран по тригодишни експертски анализи на пазарот кои, интересно, завршија токму сега – на 100 дена пред изборите!? Следува потпишување на договорот меѓу владите на Македонија и Италија, а испораката на хеликоптери ќе следува за 24 до 36 месеци.

„Леонардо“ е веќе познато име во Македонија. Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, токму со оваа компанија склучи договор за набавка на радарски системи, по што Државната комисија за спречување на корупцијата отвори предмет за доцнењето со исплатата на траншите за кои државата плаќаше високи камати. Предметот се затвори, но остана отворено прашањето што прави Македонија со таа опрема и каде се наоѓа?

За Министерството за одбрана нема ништо спорно во склучувањето на договор со фирма која и во земјата и во светот се поврзува со коруптивни скандали.

Буџетот за одбраната годинава го надмина прагот од 2 проценти од БДП на Македонија, односно изнесува 2,05% или околу 327 милиони евра (точно колку што е договорот за осумте нови хеликоптери). Една третина од одбранбениот буџет е наменет за модернизација и опремување на Армијата со што Македонија ги исполни двата критериуми на НАТО: за буџетирање на одбраната (минимум 2 проценти од БДП за одбрана) и најмалку 20% од овие средства за модернизација.

Некои од скандалите на „Леонардо“ низ светот

Во текот само на последните 10-ина години „Леонардо“ се соочи со низа обвинувања за незаконити зделки.

Во 2022 години се отвори скандалот со набавката на авиони за обука и корвети М-346 на Колумбија, зделка вредна 4 милијарди евра. Истрагата на обвинителството во Неапол заврши со наоди од понудено мито од 80 милиони евра за да се помогне договорот. Oвој случај сè уште не е завршен.

Во 2013 година компанијата беше осомничена за подмитување на официјални лица во Јужна Кореја за да се обезбеди продажба на нејзините хеликоптери AW135, а целиот случај во 2016 година заврши со пресуди против владин министер и двајца службеници.

Во 2014 година индиското Министерство за одбрана го откажа договорот вреден 624 милиони американски долари со „Финмеканика“ (Finmeccanica), новото име на „Леонардо“, за купување на 12 AW101 хеликоптери. И тука имаше сомневања за корупција.

Во 2016 година компанијата „Аугуста Вестланд“, претходник на „Леонардо“, беше принудена да го раскине договорот со Панама откако Врховниот суд на оваа држава пресуди дека со договорот со италијанската компанија имало злоупотреби за да се добијат лични придобивки од недозволена природа, а не за јавен интерес.

Во октомври 2022 година, Комисијата за искоренување на корупцијата на Индонезија пресуди дека регионалниот шеф на хеликоптерскиот оддел ја преферирал италијанската компанија Леонардо со измама на државата од речиси 40 милиони долари.

Во 2017 година норвешкиот Совет за етика, кој детално ги проверува бизнис зделките и инвестициите од државниот државен фонд на земјата, ја стави компанијата „Леонардо“ под опсервација поради загриженоста за корупција.

Индија го откажа договорот за хеликоптери вреден 753 милиони долари со италијанскиот одбранбен гигант „Финмеканика“ по обвинувањата за корупција, сооштија официјални лица. Договорт се однесуваше за 12 луксузни хеликоптери за превоз на ВИП-личности.

Италијанскиот производител, кој неколку пати го менува името, бил инволвиран во корупциски скандал и во Белгија, односно компромитирал две партии – дел од тамошната влада за да им помогнат да го добијат тендерот за набавка на борбени хеликоптери за белгиската армија.

Првите луѓе на италијанскиот гигант судот во Милано ги прогласи за виновни бидејќи нуделе мито за да добијат тендери. Поништувајќи ја пресудата на понискиот суд, во која се вели дека корупцијата не може да се докаже, апелацискиот суд ги прогласи Џузепе Орси, моќниот поранешен управител на „Финмеканика“ и Брино Спањолини, раководител на секторот за хеликоптери „Агуста Вестленд“ за виновни за меѓународна корупција и перење пари.

Компанијата сега е пред сериозни предизвици да ги увери своите стратешки партнери и клучни клиенти дека сите овие скандали се надминати и дека „Леонардо“ останува да биде доверлив партнер со кој може да се работи.

(Според МКД.мк)

AW139 е посакуван двомотортен хеликоптер со извонредни карактеристики. Воената верзија ја користат 29 армии низ светот (вклучувајќи ја и Австралија). Има максимален дострел од 1.187 км и во воздух може да помине повеќе од 5 ипол часа. Максималната брзина е 306км/ч. Го управува еден или двајца пилоти а може да носи уште 15 војници.
AW169 е нешто помал хеликоптер со исто така одлични карактеристики, со максимален долет од 700 км, брзина 261 км/ч, во воздух до 3 часа и 45 минути и носивост од 8 војници.

Останати вести