Во последните десетина дена бројот на заразени од ковид-19 во Македонија продолжува да расте, со што стигна приближно 1.000 нови случаи, а се очекува со исто темпо да продолжи и во наредниот период.
Професорот по микробиологија на Медицинскиот фаултет во Скопје, д-р Никола Пановски, вели:
– Нема да биде и не е како претходните бранови, барем не кај нас во Македонија, каде огромниот број на лица се прележани или/и вакцинирани. Бројот на хоспитализации и смртни случаи е десет пати помал отколку оној со делта сојот. Значи да, со повеќе заразени ќе има и повеќе хоспитализации и смртни случаи. Ако порано на 1.000 нови случаи имало 100 хоспитализации и 30 смртни случаи, сега има и ќе има по 10 хоспитализации и 2 до 3 смртни случаи, пред се кај лица над 75 години, тврди Пановски.
Тој споредува дека во Австралија со 97% полнолетни вакцинирани, но со мал број прележани состојбата е посериозна.
– Ние данокот го плативме порано и тоа многу скапо. Инаку, бројот на инфицирани дневно кај нас е 30 до 50 пати поголем од бројот на потврдените случаи, односно меѓу 30.000 и 50.000, па и бројот на активни случаи не е 5.000 туку околу 200.000. До септември 80% од населението ќе се сретне со вирусот со или без симптоми, потенцира микробиологот.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 327.009, бројот на оздравени пациенти е 312.443, на починати е 9.370, а бројот на активни случаи изнесува 5.196.