Македонскиот фудбал за цела една деценија, од 2011 година до денес, вкупно од фудбалот заработил смешни 6.7 милиони евра (А$10.72 милиона) при што само Косово е полошо во фудбалскиот бизнис, објави анализата на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
ФИФА во својот извештај за трансфер-пазарот во светот за последната декада во кој се потрошени неверојатни над 41 милијарда евра (А$65.6 милијарди) или во просек секоја година по еден македонски буџет (А$6.4 милијарди). Но, ако фудбалот е голем бизнис што самите финансиски податоци го покажуваат и потврдуваат дека оваа индустрија како економска гранка е неверојатно моќна (трета на свет, после нафтената индустрија и индустријата на новите технологии), Македонија за бизнис во фудбалот не ја бива, а тоа веќе и не е ништо ново. Податоците на ФИФА се само – потврда!
И ако најголемите земји во кои се вртат милијарди евра се недостижни за остатокот на светот, за Македонија која е на самото дно на фудбалскиот пазар, и регионот е далечен и недостижен, како за трошењето пари на засилувања, ама посебно за заработката од трансфери, зашто во услови на ограничен и мал пазар во кој нема големи приходи од маркетинг, ТВ-права, спонзорски договори, единствен начин за нормално функционирање на фудбалот и клубовите се продажбата на играчи.
А, за да продадете еден фудбалер и тоа добро да го наплатите, потребен е вистински развој на младинската школа, па ако некој е пример за тоа како се работи е Хрватска. Поранешната братска република од поранешна Југославија има продадено фудбалери во оваа декада за вкупно 686 милиони австралиски долари и има чист профит од трансфери од А$577 милиони, со што е убедливо број еден на комплетниот Балкан, вклучувајќи ги и далеку фудбалски поразвиените Грција и Турција.
Турците по кумулативен приход се број еден со заработени А$1.35 милијарди, ама во фудбалски бизнис се „дупка“ зашто генерирале загуба од А$480 милиони поради потрошени А$1.83 милијарди. Грција, пак, е трета по заработка со А$564 милиони, а втора по потрошувачка од А$438 милиони, па клубовите успеале да остварат профит од 126 милиони.
И каде е тука Македонија?
На претпоследното место во фудбалски бизнис на Балканот. Со А$10.27 милиони заработка за десет години, од вкупно направени 526 трансфери или во просек еден фудбалер чинел 19,500 австралиски долари, што е смешно во споредба со една Србија чии фудбалери во просек според кумулативниот просек од А$405 милиони за 2.100 трансфери е безмалку А$195,000 по играч или Хрватска која на 1.600 трансфери заработи над А$650 милиона и еден фудбалер во просек чини А$390.000, а фудбалерите од Турција се „најскапи“ со просек од 676,000 австралиски долари.
Зад Македонија е само Косово, кое во последнава деценија има вкупен приход од само А$1.76 милиона, а пред неа и најблизу е Албанија со А$13 милиони заработка, додека сите останати од овој регион на Балканот се светлосни години понапред. На две раце впрочем може да се избројат трансферите што донеле сериозен приход, а две третини се на Работнички од продажбата на Давид Тошевски (Ростов, А$1.44 мил.), Столе Димитриевски (Гранада, А$960,000), Ѓоко Зајков (Рен, А$640,000)…
Ако гледаме по колку пари за набавка на нови играчи потрошиле клубовите во Македонија, сумата е уште посмешна – А$1.12 милион за 10 години за 551 трансфер. Во просек едно засилување чинело урнебесни 1,560 австралиски долари. И ова не треба да чуди, зашто во 99 отсто од случаите засилувањата во Македонија доаѓаат со чисти документи и бесплатно, а само ретки се трансферите за кои е платена отштета и тоа до максимум А$240,000 што е рекорд (Марјан Радески од Металург во Шкендија).
Од Македонија по инвестиција во фудбалери послаби се Косово и Црна Гора за кои нема податоци, односно не е потрошен ни цент и Босна и Херцеговина чии клубови на засилувања дале А$960,000.
По број на трансфери во регионов број еден е Србија со преку 2.100, па следат Хрватска, Грција и Турција со 1.600 направени трансфери.

(Спорт1)