Фудбалската селекција на Македонија со победа го заврши септемврискиот репрезентативен прозорец на УЕФА, откако во рамки од шестото коло од групата Ц од квалификациите за ЕП славеше над Малта со сигурни 0:2 (0:2).

Последните два натпревара видовме една нова македонска репрезентација, сосема различна од онаа која во јуни доживеа пораз од Украина и дебакл од Англија. По саботното реми 1:1 против Италија во Скопје, „рисовите“ одлично се справија со репрезентацијата на Малта во Ла Валета и рутински, дисциплинирано впишаа нови три бода на салдото во квалификациската група Ц за ЕП24.
Натпреварот се одигра пред нешто повеќе од 3.000 навивачи на трибините, од кои можеби повеќе од половината беа Македонци (кои таму работат). Уште во 5. минута Елмас го матираше домашниот голман и донесе голема радост за македонските фанови. Противничките играчи се обидоа да извршат притисок за израмнување но бледо. Непосредно пред крајот на првото полувреме, при еден корнер за Македонија, на нафрлањето од страна на Барди, младиот Јован Манев мајсторски со глава ја испрати топката во десниот агол и зголеми на 0:2.
Во второто полувреме домашните тргнаа „на се или ништо“, но офанзивата имаше краток здив зашто македонските фудбалери беа опасни од контрите – прво Барди се најде во позиција за погодок, но со лева биеше за малку непрецизно, а нешто подоцна Алиоски во шеснаесетникот на Малта распали со лева, но ја „стресе“ стативата од противничкиот гол.
Македонија практично имаше целосна контрола врз играта и искусно го сведе натпреварот до крај.
До крајот на квалификациите на Македонија ѝ преостануваат уште три натпревари – против Украина во октомври и против Италија и Англија во ноември.
