Со црвен тепих, музички перформанс во изведба на Исмаил Лумановски, Дуке Бојаџиев и Крсте Роџевски и со присуство на политичари и бизнисмени, 400 Македонци кои живеат и работат во Соединетите Американски Држави се собраа на донаторска гала-вечера во Чикаго, во организација на непрофитната организација „Македонија2025“.
Извршната директорка на организацијата, Никица Мојсоска – Блажевски за „Гласот на Америка“ рече дека собраните средства ќе бидат искористени за корисни цели.
– Ќе бидат искористени главно за поддршка на млади таленти, поддршка на бизнис лидери како и директна поддршка на компаниите во Македонија. Дел од донираните средства доаѓаат од самите членови на бордот на директори, меѓутоа и од многу други пријатели како „Боинг“ кој е голем донатор на оваа вечера, кажа извршната директорка на „Македонија2025“.
На вечерата во Чикаго присуствуваше и претседателот на Македонија, Стево Пендаровски. Тој, собирот на македонската дијаспора го нарече „благородна кауза“.
– Ова е важно затоа што станува збор веројатно за најголемиот собир на македонската дијаспора последниве години, ќе се видиме со луѓе со кои не сме се виделе долги години, меѓутоа многу поважно од тоа е што сите сме собрани заради една благородна кауза, а таа е вечерва да донираме што е можно повеќе средства за талентирани македонски деца и утре ќе може да отидат на најдобрите светски универзитети, да се едуцираат и тоа знаење понатаму да го приложат во развојот на сопствената држава, рече претседателот Стево Пендаровски.
На гала-вечерата во Чикаго, претседателот Пендаровски му додели орден „8 Септември“ на главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун, а награда за Признание на дијаспората за 2023 година им беше доделена на Стенли Томас (поранешен претседател и главен директор на кандскиот синџир аптеки Shoppers Drug Mart) и Влатко Андоновски (довчерашниот селектор на женската фудбалска репрезентција на САД) за нивниот исклучителен придонес кон македонската заедница и за афирмација на својата татковина.