Македонската заедница во Аделаид го прослави Духовден и го пречека новиот свештеник

Македонската православна заедница во Аделаид на 31 мај, свечено го прослави големиот христијански празник Духовден – Педесетница, денот на слегувањето на Светиот Дух врз светите апостоли и раѓањето на Христовата Црква.

Прославата започна со Света Божествена Литургија, на која парохијаните го пречекаа  игумен отец Гаврил од Мелбурн и новиот парохиски свештеник отец Валентин Стоица. На богослужбата присуствуваа и гости од Македонската православна епархија за Австралија, како и бројни верници кои ја споделија празничната радост.

По Литургијата, прославата продолжи во културниот центар со свечен заеднички ручек, на кој членовите на македонската заедница и пријатели од романската православна заедница имаа можност да се дружат.

Празничната програма беше збогатена со работилница за традиционални танци, организирана од Јасмина Георгиевски и Ива Дуровска, која внесе дополнителна радост и ги обедини сите генерации.

Посебна благодарност беше упатена до отец Гаврил за неговата долгогодишна духовна грижа и поддршка, како и до отец Валентин Стоица, кому верниците му посакаа успешно пастирско служење. Благодарност беше изразена и до делегацијата од Сиднеј, Женскиот комитет, како и до сите членови и пријатели на заедницата кои придонесоа за успешната организација на празникот.

Останати вести