Македонски Бугари кај Румен Радев, побараа од него да не го трга ветото

Бугарскиот претседател Румен Радев ги прими во претседателската палата во Софија претставниците на бугарските здруженија од Македонија.

Тој им објави дека е формулирана нова политика кон Македонија и дека Бугарија нема да попушти за старт на македонските преговори со ЕУ сè додека не се реши прашањето за правата на Бугарите во земјата.

– Ветото што го ставив на Европскиот совет на 6 октомври има друга аргументација од претходните, а тоа се вашите права, вашата рамноправност со другите во Северна Македонија. Ќе направиме вие Бугарите да се чувствувате како граѓани на Македонија. Сите овде ќе ги браниме нашите бугарски традиции, никогаш нема да отстапиме од нив. Бугарите во Република Северна Македонија имаат право на самоопределување. Бугарското државјанство е државјанство на ЕУ. Кога почнав да зборувам за Копенхашките критериуми и кршењето на човековите права на Бугарите, тоа го разбраа европските лидери. Кога вие што живеете таму и велите дека ви се прекршени правата, тогаш ова е веќе предизвик за ЕУ, која мора да ги заштити граѓаните на ЕУ, им рекол претседателот на Бугарија, Румен Радев. Притоа тој смета дека Бугарија треба вадењето на државјанставата да го олесни и да го забрза и тоа од управна постапка да прерасне во свечен чин.

На истата средба бугарската потпретседателка Илијана Јотова (која ги потпишува доделувањата на нови бугарски државјанства) рекла дека според неа Договорот за добрососедство не е добар, историската комисија е нефункционална.

– Заблудата беше дека порано или подоцна, преку овие историски факти ќе најдеме полуконсензус меѓу двете земји и така во иднина ќе се отвори патот за членство. Но, тоа не се случи. Мое цврсто мислење е дека Договорот за добрососедство не е добар документ. Тој е премногу општ, рамковен и не се спроведува – кажала Илијана Јотова.

Се бараат декани, полицајци, офицери…

Македонските Бугари од Софија побараа никако да не попушта со ветото и да го зголеми притисокот врз властите во Македонија не само за признавање на историската вистина, туку и за промена на односот кон, како што велат, живите Бугари.

– Ние очекуваме од Република Бугарија јасна и категорична поддршка за нашите барања за рамноправност, за нашите барања за чистење на историските конфликти и проблеми и за нашите барање за запирање на јазикот на омраза. За што ние македонските Бугари сме убедени дека Северна Македoнија ќе успее брзо и ефикасно да се интегрира во ЕУ, изјави Петар Колев, претседател на партијата Граѓанско-демократска унија (ГДУ).

– Јас секогаш сум бил и останувам силен поддржувач на ветото. Вето до последниот миг, изјави Владимир Перев, од здружението „Коридор 8“ од Скопје.

– Бараме од Софија да се избори за правото на Бугарите за самоопределување, на нивна регистрација во документите во Македонија, во Уставот. Да објасни со наједноставни зборови дека во македонската Армија нема ниту еден човек кој е Бугарин по националност или можеби еден или двајца. Но во македонската полиција нема ниту еден. Во правосудството нема ниту еден. На клучните позиции, немаме ниту еден декан на Универзитет, рече Перев.

Се приклучи и премиерот Јанев

Со Северна Македонија имаме заедничко минато и заедничка иднина, изјави привремениот бугарски премиер Стефан Јанев во дискусија на Фејсбук, при тоа апелирајќи западниот сосед да ги признае правата на оние граѓани кои себе си се идентификуваат како Бугари.

– Бугарија постојано ја поддржува земјата, но во исто време мора да биде способна да ги брани сопствените национални интереси. За жал, раководството на Република Северна Македонија не брза да ги исполни обврските предвидени во Договорот за добрососедство, додаде Јанев, апелирајќи да „престане поттикнувањето омраза кон Бугарија“.

Тој нагласи дека Бугарија е заинтересирани да се грижи за македонските граѓани кои имаат бугарско чувство и кои се идентификуваат како лица со бугарско потекло, со цел да имаат еднакви права со сите други и да не бидат „прогонувани и регресирани“.

Инаку, пред неполн месец и македонски здруженија во Бугарија донесоа Декларација со која побараа Софија да престане со нивно негирање, дискриминација и асимилација.

Од македонската влада, тогаш изреагираа дека постапуваат согласно сите европски приципи и согласно македонскиот Устав кој вели дека земјата не треба да се меша во внатрешните работи на другите земји.

Премиерот Заев апелираше до здруженијата, правата да ги бараат пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Останати вести