Македонскиот туризам со уште една реформа – наместо неуспешната Агенција ќе има Совет што ќе заседава квартално

Владата одлучи да ја укине Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, формирана во 2013 година, поради незадоволителни резултати и ограничено влијание врз туристичката промоција. На нејзино место се создава Совет за промоција и поддршка на туризмот – стручно и советодавно тело во рамки на Министерството за култура и туризам. Претставниците на туристичкиот сектор го поздравуваат укинување на Агенцијата, која според нивните зборови, „не даде ефекти ниту во промоцијата ниту во поддршката на дејноста“. Претседателот на Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), Влатко Сулев, нагласува дека не е важен називот на институцијата, туку дали конечно ќе се види вистинска корист од нејзиното постоење.

– Очекуваме во новиот Совет од 15 члена да има луѓе кои се директно вклучени во дојдовниот туризам – агенции, хотели, културни институции, винарници… Тие најдобро ги знаат слабостите и потенцијалите на туризмот и можат да помогнат во оформување на конкурентна туристичка понуда, изјавува Сулев.

Тој укажува дека поддршката не смее да се сведе само на субвенции, туку да опфати и инфраструктурен развој, култура на однесување и комуникација со туристите, обележани патеки, дигитална поврзаност, инфо-центри и модерни угостителски капацитети.

Претседателот на Туристичко-угостителската комора, Аркан Керим, изрази надеж дека новото тело ќе донесе „поголема заинтересираност од страна на Министерството“, а туризмот, кој „моментално е на нула“, ќе добие вистински развој. Тој најавува дека до септември ќе биде појасна визијата на Владата, откако ќе заврши институционалното префрлување.

Според најновите податоци, Македонија бележи 21,6% раст на странски посетители во првата половина од 2025 година. Ако трендот продолжи, бројката може да достигне 1.5 милиони туристи и 500 милиони евра приходи до крајот на годината. Туристите од Турција водат со 42% учество, а значителен раст бележат и Србија, Германија, Хрватска, Грција и Романија.

Останати вести