По повод празникот посветен на просветителите, Светите Кирил и Методиј, Македонскиот училишен совет на Нов Јужен Велс организираше свечена академија. Настанот се одржа во прекрасниот амбиент на македонската православна црква „Свети Кирил и Методиј“ во Розбери, Сиднеј.
На академијата учество зедоа учениците кои со гордост го изучуваат македонскиот јазик во Австралија, нивните наставници, родители, како и бројни почесни гости и претставници на македонските организации и пошироката заедница.
Преку свечената програма, присутните оддадоа длабока почит кон епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, нагласувајќи го нивниот непроценлив придонес за писменоста, образованието и духовноста на македонскиот народ.
Во рамките на свеченоста беа доделени признанија и благодарници. Овој чин беше израз на длабока благодарност и почит кон сите поединци и организации кои со својата долгогодишна посветеност, неуморен труд и визија придонесуваат за зачувување, негување и унапредување на македонскиот јазик и култура на петтиот континент.
„Привилегија и особена чест е да се зачувува и афирмира македонскиот идентитет далеку од татковината – со достоинство, љубов и неизмерна почит кон нашите корени.“ – порачаа организаторите.
Македонскиот училишен совет на НЈВ упатува искрени честитки до сите кои со својот труд, посветеност и несебична поддршка овозможија успешна реализација на овој исклучително значаен настан.
Посебна благодарност и честитки до учениците и нивните наставници, кои секојдневно, со огромна љубов, продолжуваат да го негуваат и пренесуваат македонскиот јазик, традиција и култура на идните генерации, оставајќи траен белег во австралиското мултикултурно општество.