Македонската фудбалска репрезентација одигра нерешено 1:1 во натпреварот против Англија, што се одигра на националната арена „Тоше Проевски“ во Скопје.
Македонските фудбалери поведоа во 41. минута со гол по пенал на Енис Барди. Голманот на Англичаните Џордан Пикфорд го одбрани првиот удар но одбиената топка се врати кон Барди и тој од втор обид ја смести во противничката мрежа.
Резултатот се изедначи во 59. минута кога Јани Атанасов си постигна автогол по корнерот што го изведоа гостите.
Натпреварот во Скопје беше во рамки на последното коло од Ц-групата во квалификациите за Европското првенство 2024, што следната година треба да се одржи во Германија.
На трибините на националната арена имаше 27 илјади гледачи, од нив околу 2 илјади Англичани.
Натпреварот немаше резултатско значење. Македонските фудбалери квалификациите ги завршија на четвртото место го групата додека Англичаните на прво со што обезбедија учество на европскиот шампионат.
Од нашата група покрај Англија, на Евро2024 патува и Италија која одигра реми без голови со Украина во Леверкузен и тоа ѝ беше доволно за пласман (поради подобриот меѓусебен скор).
За македонскиот национален тим ова беше трето реми во шестиот меѓусебен дуел со фаворитот Англија, а прв нерешен резултат на домашен терен.
Во рамките на истиот квалификационен циклус, минатиот јуни, Англија на домашен терен ѝ го нанесе на Македонија најтешкиот пораз во историјата од 7:0.
