Килијан Мбапе пред неколку дена даде интервју за “Радио Монте Карло“ во кое го објасни својот статус во тимот на ПСЖ по бурното лето за време на кое многу се зборуваше за негово заминување од клубот.
Францускиот крилен напаѓач со години беше поврзуван со Реал Мадрид, тој речиси отиде во Мадрид кога се пресели од Монако во ПСЖ, но сега се чини дека приказната е сосема сигурна.
Мбапе одби да потпише нов договор со ПСЖ, а неговиот сегашен истекува следното лето и сега е сосема јасно дека ќе го напушти клубот како слободен агент. Тоа не требаше да биде така, и тој објасни се во интервјуто за РМК.
– Со месеци претходно барав да го напуштам клубот ова лето, бидејќи не сакав да го продолжам договорот во тоа време, и мислев дека клубот може да заработи добро и да донесе квалитетна замена. Не ми се допаѓа она што тие го рекоа, дека сум побарал да заминам дури кон крајот на август, ме натераа да се чувствувам како крадец, рече Мбапе, додавајќи:
– ПСЖ е клуб кој ми даде многу. Секогаш бев среќен, на секои четири години имам среќа со клубовите. Го објавив моето заминување доволно рано за клубот да има време да се подготви. Луѓето велат дека одбил шест или седум понуди за продолжување, тоа не е точно. Штом реков дека сакам да заминам, се беше јасно. Бев искрен и го кажав доволно рано.
Да потсетиме, ПСЖ одби да му го продаде Мбапе на Реал во минатиот преоден рок, иако договорот со францускиот напаѓач трае до крајот на сезонава и тој веќе во јануари може да преговара со Реал за да замине во Мадрид како слободен агент следното лето. Реал му понудил на ПСЖ повеќе од 150 милиони евра, но сопствениците на клубот процениле дека тоа не е доволно и го оставиле Мбапе да се обиде да ја донесе титулата европски шампион во Париз со Нејмар и Меси.
Напаѓачот на Реал, Карим Бензема, ја коментираше целата приказна во интервју за шпанска “Марка“ пред неколку дена.
– Мбапе не ја крие својата желба, сака да промени нешто и сигурно ќе игра за Реал еден ден. Не знам кога, но ќе го стори тоа. Прашање на време е, рече Бензема и кажа дека Реал е се уште најдобриот на светот.
– Реал се уште е најдобриот клуб на светот. Нов фудбал, нови генерации, нови играчи, но ние сепак сме најдобри… Важно е да се биде ментор на младите играчи, и јас давам се од себе во тој дел. Разговарам многу со младите луѓе на Реал и сакам да им помогнам.