Мерко – 14 години градоначалник и исто толку кривични а влакно не му фали

Новинарите го прашаа Јавното обвинителство какви постапки досега се воделе или се водат против струшкиот градоначалник Рамиз Мерки, за кој требаше Американците, односно Стејт Демартментот, да ни кажат колку е спорен како личност, бидејќи го ставија на нивната црна листа заедно со неговото семејство, токму поради наводи за корупција.

Има гласини дека досега против Мерко имало 12 до 14 кривични пријави од кои половината или повеќе се одбиени а во процедура останале само 6.

Согласно евиденцијата на Јавното обвинителство, против Рамиз Мерко активни се следните предмети:

1. КО бр. 107/23 кој е заведен по кривична пријава поднесена од повеќе Здруженија на граѓани, за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од КЗ. Пријавата е поднесена на 26.04.2023 година, постапува ОЈО Струга и презема дејствија за проверка на наводите.

2. КО бр. 117/23 заведен во ОЈО Струга против наведеното и уште две други лица за кривични дела по член 353 и член 353-в од КЗ, а по кој има испитани лица и редовно се постапува.

3. КО бр. 121/23 примен во ОЈО Струга на 19.05.2023 година и по кој се проучува пријавата и предистражната постапка е на почеток.

4. КО бр.208/15 отворен по пријава од УФП за кривично дело по чл.353 ст.1,2. и 5 против лицето за кое покажувате интерес и други три лица. Обвинителот што постапува во предметот издал Наредба за вештачење до Бирото за судски вештачења, по доставените наоди во три наврати е побарано дополнување на вештачењето. Предметниот обвинител се уште го чека постапувањето по Наредбата за дополнување издадена во февруари 2020 година.

5. КО бр. 15/22 отворен во ОЈОГОКК по кривична пријава од група адвокати против три лица, а во врска со ангажмани за адвокатски услуги, предметот е во предистрага и се постапува по истиот.

6. РО 55/19 предмет по анонимна кривична пријава за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување и Измама против наведеното и повеќе други лица, поврзано со експропријација на земјиште во Струга. По слични наводи постапувало и ОЈО Струга и ОЈОГОКК, по што двата предмети се споени, обезбеден е судскиот предмет и дел од списите кои се наведуваат во пријавата. Се наоѓа во фаза на предистражна постапка, се вели во соопштението од ОЈО.

Тој не поднесува оставка, ДУИ божем бара сеопфатна истрага и ветинг

Минатата седмица единствената реакција на струшкиот градоначалник и член на претседателството на ДУИ, Рамиз Мерко, беше тоа што по негова иницијатива му беше замрзната партиската функција.
Нема ни збор дека ќе поднесе оставка како прв човек на Струга, а во Македонија не постои процедура градоначалник да биде сменет (освен ако почине, ако е болен или ако е осуден на над 6 години затвор).
По се изгледа дека и во ДУИ се шокираа од одлуката на САД, зашто падна нивното наводно “чистунство“ во политиката. Дури и не побараа тој да отстапи од градоначалничката функција!?
САД се наш најголем стратешки партнер и нивните ставови не само што ги почитуваме, туку ги сметаме и за добронамерни. ДУИ има јасни ставови по однос на владеењето на правото, а таквите ставови се претворени во формални одлуки, кажа портпаролот на партијата и министер за надворешни Бујар Османи.
Од итниот состанок во Мала Речица се упати порака дека ДУИ одамна повикува на ветинг за политичарите.
За потсетување, лидерот на ДУИ Али Ахмети во јануари годинава имаше порака за лицата кои ќе се најдат на црната листа.
„Доколку има црни списоци и таква проценка направи Стејт департментот, нека им е со среќа на оние кои ќе се најдат на тие списоци“, велеше Ахмети.
Сега можеби на ред ќе дојде институционално преиспитување на многу наговестувања за криминално коруптивно однесување на министри, директори и други функционери на оваа партија.
Проблемот е во тоа што сите обвинители и судии се “нивни“.

Останати вести