МЗ: Од 101 починат од коронавирус, деветмина примиле вакцина

За период од две недели во Македонија починале 101 лице од ковид-19, од кои 92 не биле вакцинирани, a 9 имале примено вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе хронични заболувања, соопшти Министерство за здравство.

За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза.

Само 15% од лицата кои имале позитивен тест за коронавирус во изминатите две недели биле целосно вакцинирани. Во болниците низ Македонија моментално лежат над 1.000 пациенти со ковид-19, од кои, како што соопшти Министерството, 91% се невакцинирани. Преполни се ковид-центрите во Тетово, Гостивар, Струга и Кичево. Во Скопје наполнета е и мобилната болница до Инфективната клиника. Отворени се ковид-одделенијата во Градската болница “8 Септември“ и во Детската белодробна болница во Козле.

Заразените и починатите се имунизирани со вакцини кои ги има во Македонија, како и со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон и Џонсон“, што ги примиле во странство.

Од оваа седмица повторно ќе биде отворена Арената ;Борис Трајковски“ во Скопје за вакцинирање. Ќе се користи помалата сала каде ќе има 20-ина вакцинални места. Ова се прави бидејчи потребниот персонал се вратил од годишните одмори и за да се овозмои уште помасовна вакцинација. Дневно во земјата се вакцинираат во просек околу 18 илјади лица.

На вакциналните пунктови во државата и на терен вакцинирани се скоро 700 илјади граѓани. Од тоа скоро 550 илјади се со две дози.

Со последните бројки 70% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 67% од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 63% од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 53% од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина.

Останати вести