Мигранти од Египети Авганистан го демолирале кампот во Табановце

Ноќта меѓу средата и четвртокот бил целосно демолиран Транзитниот центар за мигранти во Табановце од страна на група мигранти од Египет и Авганистан. По инцидентот тие го напуштиле кампот кој е во близина на македонско-српската граница и заминале во непознат правец.

Според анонимни активисти на хуманитарните организации кои помагаат во овој камп, дента имало тепачка помеѓу двете групи поради што полицијата ги избркала од кампот. Но, во текот на ноќта, тие се вратиле за одмазда – знаеле дека има само двајца полицајци.

Според сознанијата, се работи за група од 20-тина мигранти по потекло од Египет и Авганистан. При демолирањето оштетени се неколку објекти за сместување, како и кујната за храна и објекти на Црвениот крст. Од кујната била украдена и храната, како и неколку мобилни телефони, а со нож бил исечен и шаторот-кујна.

Транзитниот центар Табановце е основан со цел да ги згрижува мигрантите кои се појавуваат во ова подрачје. Тој е речиси од отворен тип каде тие кусо се задржуваат и си заминуваат (за разлика од кампот во Гевгелија, каде се задржуват и има поголемо присуство на граничната полиција и на меѓународни полициски сили ФРОНТЕКС – со цел да се спречи навлегувањето на мигрантите од Грција).

Во кампот во Табановце се сместуваат имигранти вратени од српската полиција или фатени при транзит низ Македонија близу до северата граница. Претходно, мигрантите од најразлични земји, најчесто од Авганистан, Египет, Сирија, Кина, Мароко, Судан, Ирак, Иран… користат услуги на шверцери на кои им плаќаат по повеќе стотици евра за транспорт од Гевгелија до подрачјето околу Табановце.

Мигрантите се носат во центрите за регистрација и профилирање. Во последните години е забележан пораст на бројот на лица кои доаѓаат со видливи повреди на телото, скршени нозе или раце и друго, како последица на тоа што го доживуваат по патот. Овие лица најчесто немаат лични документи.

Останати вести