Милан ќе испрати понуда од 35 милиони евра за Елмас?

Новиот италијански првак Милан е заинтересиран за македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас, нешто што уште од март се појави како информација, нo освен најави конкретна понуда во Наполи за фудбалерот за врска нема пристигнато. Сепак такво нешто наскоро може да се случи, објави еден од најтиражните весници во Турција.

Според весникот „Созџу“, кој е во моментов еден од најтиражните со 300.000 примероци дневно, изгледа дека Милан ја подготвува понудата и наскоро ќе ја испрати за Елмас вредна – 35 милиони евра!

Според весникот, за ваков трансфер навива Фенербахче кој ќе добие нешто помалку од десет отсто од трансферот, односно 1,5 милиони евра ако Елмас потпише за Милан. Елмас во Наполи замина во летото 2019 година за 16 милиони евра плус бонуси, па во изминатиов период Фенербахче доби уште 1,5 милиони евра од наполитанците.

И претходно италијански медиуми објавуваа дека Паоло Малдини и Стефано Пиоли се многу заинтересирани за Елмас, поради фактот што македонскиот фудбалер за врска може да игра на низа позиции, но прашањето е дали Наполи сака да го продаде фудбалерот, иако од Неапол доаѓаа непотврдени информации дека првиот човек Аурелио Де Лаурентис нема да прави пречки за трансфер, ако дојде прифатлива понуда која не е дефинирана.

Елмас, кој три години е дел од Наполи, побарал поголема минутажа или трансфер во друг клуб, па сега останува да се види какви се плановите на „Диего Марадона“, но дали и Милан ќе искешира двојно повеќе од тоа што Наполи плати за Македонецот. Миланезите, кои добија нови газди во „Ред Бирд“, веќе загубија две сигурни засилувања – Свен Ботман кој замина во Њукасл и Ренато Санчез кој е на чекор до ПСЖ, па сега бараат други опции за засилувања и за средниот ред. Елмас полека сè повеќе излегува како опција.

Останати вести