Не можеме да бараме привремена работа во туристички земји, да плаќаме даноци во странска држава, а потоа да доаѓаме во Македонија и да бараме бесплатен здравствен систем и да го критикуваме системот! Треба да придонесуваме во домашната економија ако сакаме да го изградиме системот на државата и ако сакаме истиот да ни возврати, беа дел од пораките што премиерот Христијан Мицкоски им ги упати на младите.
– Мојата порака до младите кои мислат дека неколку месеци работа во некоја туристичка дестинација се доволни за да сонуваат за својата иднина – грешат! Дома треба да сонуваме и да ја градиме нашата заедничка иднина во нашата заедничка татковина. Колку посилно сонуваме и колку повеќе работиме дома, толку посилен систем ќе имаме. Не придонесувајте некаде надвор, во туѓи економии. Дома се гради иднината на татковината. Нашата определба е јасна — наместо политика на страв, градиме политика на отпорност.
– Мора да ја трансформираме миграцијата од загуба во можност. Нашата дијаспора е огромен потенцијал. Таа носи знаење, искуство, капитал и меѓународни врски. Наша задача е да создадеме услови тие луѓе повторно да ја видат татковината како место за живот, инвестиции и иднина. Наместо „одлив на мозоци“, мора да создадеме „прилив на знаење, идеи и искуство“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Министерот за социјална политика Фатмир Лимани изјави дека светот се соочува со сериозни демографски предизвици и дека е потребна заедничка акција за нивно надминување. Поради тоа, Владата подготвува национална стратегија за демографски развој и отпорност, со фокус на младите, поддршка на семејствата, спречување на иселувањето и инвестирање во образование, вештини, иновации и човечки капитал.
– Стратегијата обезбедува мултисекторски пристап кон демографската иднина, со фокус на инвестирање во човечкиот капитал, зајакнување на семејствата и младите, социјална вклученост и политики за циркуларна миграција, мобилност и улогата на дијаспората во градењето долгорочна демографска отпорност, изјави министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани.
Ова беше кажано на Регионалната министерска конференција за справување со демографските промени и градење отпорност, организирана од Министерството за социјална политика, демографија и млади во партнерство со Фондот за население на Обединетите нации.