Мицкоски со ултиматум за предвремени избори, Ковачевски не прифаќал уцени

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му даде рок на премиерот Димитар Ковачевски до 10 мај да се изјасни дали ќе одговори на повикот за средба на која ќе договорат предвремени избори. Во спротивно лидерот на опозицијата се закани со „сериозни и досега непреземени чекори“.

Мицкоски предложи и четири тима од ВМРО-ДПМНЕ да работат со тимови во власта во меѓупериодот до изборите. За нив рече дека би работеле бесплатно и без никакви привилегии за, како што појасни, да ѝ помогнат на државата која е пред банкрот, а е најавено ново задолжување од 900 милиони евра за да се покријат дупки во буџетот.

Тој упати и критики за преговорите со Бугарија, за кои рече дека дека е „неприфатливо да се дозволува соседните држави да се мешаат во нашите внатрешни работи“, а критикуваше и за состојбите во здравството и штрајкот во образованието.

Премиерот Ковачевски преку Фејсбук му порача на Мицковски дека нема да му ги прифати „себичните амбиции“.

– Јас кажав повеќе пати и пак ќе кажам: уцени не прифаќам. Ова е втор пат како Мицкоски се обидува да ме уценува, а добро знаеме како заврши првиот пат. Неговите себични политички амбиции мене не ме засегаат, туку интересот на граѓаните и државата. Како Влада имаме многу одговорна работа, а тоа е менаџирање на најголемата економска криза по Втората светска војна. Ниту се потребни средби за избори, ниту се потребни избори туку одговорно делување на сите политички партии. Потребно е функционално Собрание за носење закони и рационално трошење на буџетот во овие кризни времиња. Но, тоа Мицкоски очигледно не го интересира бидејќи никогаш не го интересирале граѓаните и нивните потреби, туку само неговата политичка кариера, порача премиерот Ковачевски.

Тој додава дека Владата нема да дозволи ваквите желби на опозицијата да значат штета по граѓаните, несигурност, трошење на огромни буџетски средства и нови кризи.

– Што се однесува до заканите за некаква радикализација, му порачувам уште еднаш дека како што не прифаќам уцени, уште помалку реагирам на закани. Деструктивноста е одлика и заштитен знак на Мицкоски и неговата партија, но тоа граѓаните го гледаат и препознаваат и таквите најави верувам дека силно ги осудуваат. Владата е стабилна и одговорно владее, а најавите на Мицкоски се одраз на немоќ и безидејност за конструктивност. Ако сакаше било што конструктивно да направи досега ВМРО-ДПМНЕ имаше можност да го направи. Наспроти тоа, тие произведуваат лажни вести, дигаат хистерија и партиски мобилизираат протести. ВМРО-ДПМНЕ прави се друго освен реална и конструктивна политичка работа, наведе Ковачевски.

Останати вести