Младите играорци од Австралија се најдобрите амбасадори и потврда дека македонската дијаспора останува силен чувар на традицијата, јазикот и културното наследство, пренесувајќи ги од генерација на генерација со истата љубов и гордост
Македонското културно-уметничко друштво „Гоце Делчев“ од Мелбурн успешно ја реализираше својата долгоочекувана турнеја низ Македонија, оставајќи силен впечаток кај публиката со настапите што ги одржа во повеќе македонски градови.
Основано во 1989 година, МКУД „Гоце Делчев“ е едно од најпознатите македонски фолклорни друштва во Австралија. Со седиште во Мелбурн, друштвото повеќе од три децении посветено ја негува и промовира македонската народна традиција преку фолклор, автентични народни носии и музика, воспитувајќи нови генерации млади Македонци во духот на културното наследство на нивните предци.

Турнејата на четврти јули, започна во Скопје со настап на фестивалот “Јонче Христов”, организиран од општина Гази Баба, каде ансамблот беше топло пречекан од публиката. Веќе следниот ден членовите на друштвото настапија на Меѓународниот фолклорен фестивал во Велес, претставувајќи богат репертоар на македонски ора и песни, со што уште еднаш ја потврдија својата улога како достојни амбасадори на македонската култура во Австралија.
Во текот на престојот во Македонија, ансамблот беше гостин и на утринската програма „Качамак“ на телевизија Сител, каде ја претстави својата работа и љубовта кон македонскиот фолклор. Членовите на ансамблот имаа можност да го посетат и живописниот кањон Матка, запознавајќи се со природните убавини на Македонија.

Турнејата продолжи со настапи во Скопје и Битола, како и гостување на телевизија АЛФА, каде повторно беше истакната важноста на македонската дијаспора во зачувувањето на националниот идентитет и традициите.
Посебен впечаток минатиов петок, на 13 јули, остави настапот во Охрид, каде ансамблот се претстави на голем културен настан заедно со фолклорни групи од повеќе земји. Вечерта беше вистинска прослава на македонската традиција, исполнета со музика, игра и силни емоции, а членовите на МКУД „Гоце Делчев“ уште еднаш покажаа дека љубовта кон татковината не познава географски граници.

Со своите настапи низ Македонија, МКУД „Гоце Делчев“ од Мелбурн не само што го претстави високото ниво на македонскиот фолклор што се негува во Австралија, туку испрати и силна порака како ја чуваат културата и традицијата Македонците ширум светот.