Австралискиот прајминистер, Скот Морисон, се соочи со критиките за неговото лидерство. Во обраќањето пред Националниот прес-клуб во Канбера тој призна дека неговата влада била премногу оптимистичка за влијанието на вакцинацијата против корона вирусот, што резултираше со разочарување и исцрпеност кога варијантата омикрон се прошири низ целата земја.
Поддршката за Морисон е падната на најниско ниво во последните две години, со пад на довербата на јавноста нарушена со недостигот на брзи антигенски тестови, со бројка на заразени со омикрон од над милион во текот на летото, а изборите се очекуваат во претстојниве месеци.
Морисон кажа дека ќе ги прифати критиките што му доаѓаат за лидерската позиција.
– Не направив сè како што треба – рече прајминистерот.
Тој во говорот призна дека неговиот фокус бил на постигнување рамнотежа меѓу здравствените совети и економијата, а омикрон ги променил правилата, ги нарушил синџирите на снабдување и предизвикал недостиг на тестови.
На почетокот на јануари Морисон кажа дека неговата влада усвоила пристап на соживот со пандемијата наместо повторно да воведува мерки за затворање.
– Како што влеговме во летото, можеби бевме премногу оптимисти – изјави Морисон, додавајќи дека тоа ја зголеми фрустрацијата кај луѓето кога вакцинацијата не го спречи ширењето на омикрон.
Одговарајќи на критиките дека неговата влада не предвидела потреба од повеќе тестови, Морисон потенцира дека снабдувањето со тестови за ковид-19 за време на поголемиот дел од пандемијата е одговорност на австралиските држави.
Тој ја призна фрустрацијата на јавноста, но рече дека на земјата сè уште и треба искусен лидер.
Стапката на смртност поврзана со коронавирусот во Австралија е меѓу најниските во светот. Земјата има една од највисоките стапки на вакцинација во светот и покрај подоцнежниот почеток на вакцинацијата. На ниво на Комонвелтот вакцинираноста со две дози е 79%, додека трета доза имаат примено 31%. Но во источните држави Нов Јужен Велс и Викторија вакцинираноста на населението од 12 години па нагоре е 94% односно 93% соодветно додека трета доза веќе имаат 40% од полнолетите. Во Канбера 100% се вакцинирани со две дози а 50% со бустер.