Муцунски прогласи: Протоколите не се дел од преговарачката рамка!?

Пред некој ден амбасадорот на ЕУ во Македонија, Михалис Рокас, рече дека под радарот се одвиваат разговори за излегување од европскиот ќор-сокак во кој се наоѓа Македонија. Ова го потврди и министерот за надворешни Тимчо Муцунски:

– Јас мислам дека има позитивен импулс за изнаоѓање решение, но нема решение што можеме да го претставиме пред јавноста. Но, ја уверувам македонската јавност дека решението, кое и да биде, ќе биде во рамки на принципите и постулатите што Владата јавно ги има кажано и претставено. А дали работиме на решение? Секако. Во овој момент не би сакал да се претворам во рецензент на прашањето дали сме блиску или далеку од решение, кажа тој.

На последната прес-конференција министерот Муцунски изјави уште нешто што прозвучи сосема различно од тоа што со години го тврди ВМРО-ДПМНЕ – дека најголемата замка во преговарачката рамка со ЕУ се двата протокола (особено вториот) меѓу Македонија и Бугарија: 

– Според мене, како министер за надворешни работи и како правник протоколите не се дел од Преговарачката рамка. Тоа се, всушност, записници од седниците на двете меѓудржавни комисии и ништо повеќе. 

Дали сега ова значи дека Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ прават остро свртување за 180 степени и го надминуваат најголемиот проблем во францускиот предлог на кој укажуваа? Протоколите (особено П2) го нарекуваа „кукавичино јајце“ и го обвинуваа тогашниот министер за надворешни Бујар Османи дека самоиницијативно ги потпишувал, а дека СДСМ и последните тројца лидери (Заев, Ковачевски и Филипче) се „бугарски шпиони или пиони“. 

„Јас еве четири години велам дека протоколите не се дел од преговарачката рамка. Четири години трпам критики, напади и навреди. Четири години цртам на табли, објаснувам, повторувам. Еден чекор поминат – Протоколот не е дел од рамката. Продолжуваме понатаму…“, напиша Османи на Фејсбук.

Премиерот Мицкоски на 17 јуни годинава (пред гласањето на резолуцијата на Европскиот парламент за Македонија) рече дека се надева оти европратениците „ќе го поддржат амандманот во кој билатералните протоколи се исклучуваат како формален составен дел од преговарачката рамка со ЕУ“. И Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека „изворот на потенцијалните идни блокади на македонскиот европски пат е „вториот протокол меѓу Скопје и Софија, чии одредби се внесени во преговарачката рамка и во заклучоците на ЕУ“.

Муцунски сега појасни: 

– Суштината на проблемот е што Бугарија има поинакво толкување и ги третира т.н. протоколи како составен дел од Преговарачката рамка, додека нашиот став е дека станува збор за одвоени документи. Токму оваа разлика во толкувањето ја потврдува потребата од јасност, предвидливост и гаранции дека процесот на пристапување ќе се води врз основа на европските критериуми, а не на билатерални интерпретации.

Министерот за надворешни уште рече дека во целост се согласува и со ставот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оти во содржината на преговарачката рамка нема ниту експлицитна ниту, пак, имплицитна одредба поврзана со моментот на влегување во сила на уставните измени.

– Ако прецизно се чита таа одредба од преговарачката рамка (внесување на Бугарите во Уставот -з.н.) не определува кога треба да влезат во сила уставните измени. И тука, од номотехничка гледна точка, е многу значајно правното толкување на тоа што е напишано. Ве уверувам, бидејќи ова што го зборувам повеќе пати сум го читал и од содржината на заклучоците на Советот, и од она што го има во преговарачката рамка. Се разликува тоа од она што го пишува во Протоколот 2, ако навлегуваме веќе во деталите. Тука има суштинска разлика, посочи Муцунски.

Останати вести