На традиционалниот карневал Трамп рече: „Дојдов да го земам Вевчани, имало големи резерви на течно злато – ракија и да донесеме демократија“!

Вевчанци велат дека маските не се само костими, туку силни пораки преку кои гласно, духовито и без страв се кажува вистината. Освен сатирата, Вевчанскиот карневал е и чувар на традицијата. Старите обичаи, музиката, народната носија и ритуалите се пренесуваат од генерација на генерација, правејќи го карневалот жив споменик на македонската култура.

Карневалот потекнува од старите пагански обичаи за бркање на злото и повикување на среќа и бериќет во новата година. Маските, бучавата и ритуалите имаат заштитна улога, а преку нив народот отсекогаш ја изразувал својата мудрост и став кон светот. Тој еден од најпознатите на Балканот и се верува дека е стар 1.400 години. Во 1993, Вевчанскиот карневал официјално стана дел од Светската федерација на карневалски градови.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков рече дека фестивал кој има традиција илјадници години, не може да нема посебно значење и посебно место во македонската култура.

– Посебно за еден ваков фестивал којшто ја третира слободната мисла, го третира хуморот, сатирата. Првиот првиот човек што ме пречека денеска беше маската на претседателот Трамп. Така што, опишани се многу личности во историјата, но најважно е што дава критика на моментално она што се случува во општеството, изјави Љутков.

И за градоначалникот на Вевчани, Спасе Кочовски, убавината на карневалот е токму во хуморот и сатирата.

– Секогаш имаме состанок и со Горна и со Долна Маала, но доколку има некое недолично однесување тоа е исто како да снимате филм од Втората светска војна, ако е негативец не можете тој да го уапсите, ова е драма и нема навредување. Убавината на овој карневал е токму во хуморот. Ова е забава, добра дружба, добра мисла, кажа Кочовски.

Традиционално, карневалот започна на 13 јануари напладне со дефиле на маските на двете василичарски друштва – Горна и Долна маала. Годинешното дефиле, како и вообичаено, беше инспирирано од настаните во земјата и светот изминатата година. Покрај традиционалните ликови: зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи, вевчанци на сатиричен начин ги прикажаа: мигрантската криза, состојбата во судството, домашната политичка сцена (Максим Димитриевски), војната во Украина, одлуките на американскиот претседател Доналд Трамп, светските лидери Владимир Путин и Доналд Трамп, инвестициите во Дубаи и виртуелната министерка во албанската Влада. Имаше и една групна маска на Аркановите „тигри“ (којзнае зошто, чунки тие беа пред 30 години).

Карневалот привлече и гости од Австралија, Шведска и други земји, што уште еднаш ја потврди неговата меѓународна вредност. Меѓу маските имаше и една за јапонски рибари, во која уествуваше и Јапонец.

Карневалот заврши на пладне на 14 јануари со василичарско оро и палење на маските на сретсело.

Останати вести