Надал победник во Мелбурн за 21-ви грен слем рекорд

Шпанецот Рафаел Надал во стил на матадор триумфираше на првиот грен слем турнир годинава –  Австралија опен. Тој во финалето во Мелбурн со голем пресврт го победи Данил Медведев од Русија со 3:2 во сетови, откако претходно губеше со дури 0:2. Мечот траеше цели 5 часа и 24 минути.

За Надал тоа е 21-ва грен слем титула со што се одвои од Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ кои имаат по 20. Така стана тенисер со најголем број освоени грен слем титули во историјата.

– Пред еден месец мислев дека ова ќе ми биде последен настап овде во Мелбурн на Австралија опен, но сега имам голем мотив за да продолжам. Се надевам дека ќе се видиме и следната година, порача големиуот шампион со солзи во очите додека го примаше победничкиот пехар.

Дури не се знаеше и дали ќе игра на овој турнир, а повредите и проблемите го оставија 35-годишниот тенисер без гренслем пехар една и пол година. Претходно 20. гренслем го освои во Париз на Ролан Гарос во јуни 2020 година. Дури во еден период имаше и шпекулации дека е можно да ја заврши кариерата, но сепак продолжи да игра и сега е на врвот на вечната тениска листа со 21 гренслем титула.

Победниците на Австралија опен (во машка и женска конкуренција наградите се исти) добија парични награди од по А$2.7 милиони, додека поразените финалисти по А$1.47 милион. Вкупниот награден фонд за годинашниот АО изнесуваше А$75 милиона.

Овогодинашниот Австралија опен ќе остане запаметен по фарсата што му претходеше на турнирот кога државата и Новак Ѓоковиќ 10 дена по судски пат го решаваа престојот и настапот на светскиот рекет број еден поради ковид протоколите. Новак Ѓоковиќ на пристигнување на аеродромот во Мелбурн беше притворен, федерален судија го ослободи по три дена за потоа федералниот министер за имиграција да го искористи своето дискреционо право и да му ја укине визата. На крајот, со одлука на панел од тројца федрални судии беше одлучено дека одлуката на министерот е според законот и Ѓоковиќ беше протеран од Австралија со забрана да се врати во следните три години.

Ѓоковиќ му честиташе на Надал за победата.

Останати вести