Национална премиер лига 3 на Викторија, 1 коло Норт Саншајн Иглс – Престон Македонија 1:2

На убаво и сончево време се играше на стадионот на Норт Саншајн кој е секогаш незгоден за гостување поради провокациите на албанските навивачи. Сепак Престон Македонија добро започна и во 34 минута преку извонредниот Крис Давис дојде до водство од 0:1. Потоа се играше долго продолжение на првото полувреме и во 49 минута Џејкоб Милчак изедначи за да може да се отсвири време за одмор.

Во вториот дел продолжи со слична игра во која се водеше борба буквално по целиот терен се до 78 минута кога стрелецот на единствениот гол за домаќните Милчак го доби заслужено вториот жолт картон на средбата и автоматско исклучување. Следеше циркус по кој тренерот на Норт Саншајн исто така доби црвен картон.

Во завршницата, кога се мислеше дека ќе остане резултатот нерешен и ќе има поделба на бодовите, во 90 минута на нафрлената топка од левата страна на теренот Давис, високо скокна и со глава ја испрати во мрежата за 1:2. Мисијата беше исполнета и “лавовите“ со трите бода се враќаат од своето прво гостување оваа сезона.

Минатава седмица пред почеток на сезоната беше објавена и одлуката на Врховниот суд на Викторија, во која Престон Македонија се жалеше што минатата година не доби промоција во Националната премиер лига 2 на Викторија. “Лавовите“ беа први преку целата сезона и не знаеја за пораз но за жал не се доигра завршницата поради пандемијата и немаше промоции ниту испаѓања а таа одлука ја потврди и судот. 

Во петок на 25 март Престон Македонија гостува кај Спрингваел Вајт Иглс со почеток во 20:30 часот.

Останати вести