Македонската заедница во Западна Австралија викендот на 21 и 22 март во Перт организираше свечена прослава по повод 40-годишнината од официјалното отворање на Паркот Македонија – еден од најзначајните симболи на македонската дијаспора во овој дел од Австралија.
Јубилејот одбележа четири децении од отворањето на стадионот „Парк Македонија“ (22 март 1986 година), кој со години претставува централно собиралиште на Македонците во Западна Австралија и симбол на културното наследство, придонесот и заедништвото на заедницата.
Дводневната манифестација понуди богата програма, во која беа претставени македонската култура, спорт и традиција. Посетителите имаа можност да уживаат во штандови со македонска храна, ракотворби и културни производи, како и во традиционални музички и танцови изведби. Во програмата беа вклучени и парада на фудбалската заедница, јуниорски натпревари, семејни активности и културни презентации.
Во рамки на одбележувањето се одигра и дерби натпреварот меѓу Стирлинг Македонија и Олимпик Кингсвеј, кој заврши со минимална победа на гостите од 0:1. Единствениот погодок на средбата беше постигнат во 43. минута, со што Олимпик Кингсвеј ги освои трите бода.
Во следното коло, во сабота на 28 март, Стирлинг Македонија ќе ја пречека екипата на Перт Азури. Натпреварот започнува во 18:00 часот.
ТАБЕЛА
Олимпик Кингсвеј 10
Вестерн Најтс 8
Перт Реед Стар 8
Бејсвотер Сити 7
Перт Азури 7
Стирлинг Македонија 6
Перт Глори 5
Дианела Вајт Иглс 5
Фриментл Сити 5
Соренто 2
Армадел 1
Балката 0