Не се регистрирани ниту регрутери, ниту борци од Македонија во Украина

Легионери во Украина: глава во торба и закана за затвор за неколку илјади евра плата. Доколку македонски граѓани заминат да војуваат во Украина им се заканува затворска казна кога ќе се вратат дома

Надлежните институци во Македонија досега немаат информации дека некој македонски државјанин заминал да војува на страната на Украина во воениот конфликт со Русија којшто се разгорува веќе неколку недели.

– До денес немаме податоци дека некој од земјата заминал да војува во Украина. Не се регистрирани ниту регрутери да работат и агитираат за заминување на наши граѓани во Украина, вели за “Дојче веле“ шефот на Националниот комитет на Македонија за спречување насилен екстремизам и тероризам, Златко Апостоловски.

Но, ситуацијата будно се следи. Доколку македонски граѓани заминат да војуваат во Украина ним им се заканува затворска казна кога ќе се вратат дома. Надлежните во повеќе наврати укажуваат дека секој обид за незаконско заминување на македонски граѓани во кризното подрачје ќе биде третиран со членови од кривичниот закон кои забрануваат учество во странска војска, паравоена или параполициска формација. Согласно тоа, казните за оние кои би отишле таму би биле исти, бидејќи кривичното право не може селективно да се применува. Ваквите апели се засилија откако на 7 март на твитер профилот на Украинската амбасада во Македонија се појави порака со која се повикува на регистрација во Меѓународната легија и за тоа оставени се детали за контакт со одговорни лица од амбасадата.

„За рeгистрациja во Меѓународната легија и за сите детали, контактирајте ја Амбасадата на Украина во вашата земja“, се вели во пораката која што се уште може да се види на Твитер. Во неа се посочува телефонски број и имејл адреса за контакт.

Најмалку 20.000 доброволци од многу земји се вклучија на страната на Украина

“Дојче веле“ се јави на посочениот телефонски број во објавата, при што контактиравме со лице кое што се претстави дека е вработено во Украинската амбасада во Скопје. Тој на прашањето на ДВ дали некој досега од Македонија се пријавил за регрутација во Меѓународната легија, вели дека не може да даде одговор на тоа прашање.

„Во однос на објавата ние само постапивме според упатството добиено од украинскиот претседател“, вели соговорникот на телефонскиот број посочен во објавата на Твитер.

Вакви објави осамнаа и во другите земји, но во секоја од нив прашањето за учество на борци во странска војска е поинаку уредено.

Во Македонија законите се јасни – според Кривичниот законик секој што организира, регрутира и повикува на учество во странска војска прави кривично дело.

Од македонското МНР посочија дека како земја пријател на Украина, имаат разбирање за сложената состојба во оваа држава и зошто украинските власти повикуваат на секаков вид помош. Сепак, ги потсетуваат граѓаните дека учество во која било странска војска, со законските прописи е кривично дело.

Македонија го забрани учеството во странски вооружени формации во 2014 година, окако се појавија информации дека стотина лица заминале да се борат во сирискиот конфликт и се приклучиле на ИСИС. За нив беа предвидени казни и до пет години затвор.

Украински официјални извори тврдат дека досега најмалку 20.000 доброволци дошле во Украина да му се приклучат на отпорот против Русија. Тврдат дека бројот на странски доброволци постојано расте. Заменик-министерот за внатрешни работи на Украина, Јевхен Јенин, изјави дека странските државјани кои се пријавиле како доброволци да се борат на страната на Украина во војната против Русија, ќе можат да аплицираат за украинско државјанство.

– Овие луѓе ќе потпишат договор, ќе добијат воен пасош, кој ќе ја замени нивната дозвола за престој. Во иднина, ако кој било од нив сака да стане украински државјанин, нашето законодавство ќе му го овозможи тоа, рече заменик-министерот.

Русија најави 16.000 доброволци од Сирија на својата страна

Русија, пак, регрутира доброволци од Сирија кои би се бореле во војната во Украина, посебно за нападот врз Киев, објави „Волстрит џурнал. Наводно досега се перијавиле 16.000 Сиријци со искуство во урбана борба.

Освен нив има и чеченски доброволци кои се приклучија како дел од регуларната руска војска уште во првите денови на инвазијата.

Има извештаи дека е објавен повик преку платформната “Телеграм“ да се пријават поранешни припадници на злогласната единица на руски платеници “Вагнер“ од Либија, како и криминалци или луѓе кои имаат долгови а не знаат како да дојдат до пари.

Останати вести