Јавното обвинителство покрена истрага и со судска наредба МВР презема акција во Клиниката за онкологија во Скопје и во домовите на неколкумина вработени. До ова доаѓа откако весникот „Слободен печат“ и неделникот „Фокус“ во неколку последователни текстови пишуваа за разработената криминална бизнис-мрежа што се прави на скопската Онкологија: препродавање лекови, земање мито за навремено лекување па дури и вбризгување на физиолошки раствор наместо скапиот лек (кој потоа се препродава „под рака“ со висока цена).
Во оваа шема се вклучени бројни лекари и медицински персонал на клиниката. Според доброупатени извори, во системот се внесувале и блиски роднини на екс-менаџментот на клиниката, кои не се болни од карцином, ама лековите што се наменети за нив се препродавале. Исто така, на дел од пациентите им се дава половична терапија без да знаат, со што скапата биолошка терапија завршува на црниот пазар, односно, според неофицијалните информации, на Косово. А, за да можат навремено да го почнат лекувањето, некои пациенти за испитување со пет скен плаќаат и по 700 евра „под рака“.
Официјалните податоци од Институтот за јавно здравје покажуваат алармантни бројки на заболени и починати, односно во кои градови колку заболеле, а колку починале, како се движат бројките по региони, колку бебиња, деца и возрасни се жртви на ова страшно заболување. Бројката на заболени од карцином во Македонија секоја година сè повеќе се зголемува, и покрај сè „понапредната“ медицина. Достигнаа и околу 9.000 на годишно ниво.
Скопската Клиника за онкологија и радиотерапија работи во голема анархија, со вртоглави долгови од 20 милиони евра во последните три години, откако поранешниот министер за здравство, Венко Филипче, во 2019 година ја воведе биолошката терапија, која чини и повеќе од 4.000 евра. На тоа претходеше оставка и на тогашниот директор, доктор Нино Васев, кој управуваше со клиниката од доаѓањето на СДСМ на власт, поточно од 2017 година. Во тој период „пукна“ и скандал дека се препродавале цитостатици од страна на вработените, со што дел од пациентите биле оставени без терапија.
Бевме сведоци дека иста медицинска сестра во два наврати беше фатена како краде цитостатици од болницата за да ги препродава.
Во 2018 година Министерството за здравство донесе одлука сите лекувања, хемотерапии, зрачења и хируршки интервенции за малигно болните пациенти да бидат бесплатни, односно да не се плаќа никаква партиципација. Сепак, тоа отвори пат за полесно да се развие и прошири бизнисот „под рака“ на онколошката клиника, кој трае години наназад.
Според дел од медицинските истории на Онкологија, во време кога организациски директор на клиниката бил Нехат Нухи, се креирал список со лажни болни пациенти од канцер, меѓу кои имало и членови на неговото семејство. Лековите што наводно биле потребни за нив – се препродавале. Со текот на годините, пак, и многу пациенти што веќе подлегнале на оваа подмолна болест, „случајно“ или не останале запишани во системот и нивните имиња сè уште фигурираат, за да може терапијата наводно намената да се препродава.
Доброупатени извори тврдат дека речиси 95 отсто од лекарите на клиниката и медицинскиот персонал се влезени во оваа шема на препродавање лекови.
Уште една од злоупотребите што им се прави на дел од пациентите е што им се бараат пари за закажување на испитувања, а кои впрочем се бесплатни. Како бесплатни се водат сите испитувања и терапии за онколошките пациенти, со оглед на тоа што се водат во категоријата на пациенти што ја имаат најтешката ретко излечлива болест.
Таков пример е снимањето со пет скенерот, кој претставува прецизна техника, со која се одредува точната локација на канцерогени клетки со големина и до 5 милиметри. Овие испитувања се прават за процена на стадиумот на болеста и нејзината напреднатост, за детекција на локални рецидиви и далечни метастази, процена на одговорот на примената терапија и за прецизно планирање на радиотерапијата кај онколошките пациенти. Листата на чекање е голема, па затоа еден пациент за да закаже по регуларен пат може да чека и неколку месеци. Во таков случај, неговиот живот е во опасност, со оглед на тоа што треба да чека толку време.
Но, затоа, пак, тука се „загрижените“ лекари на клиниката, кои го водат пациентот низ целиот процес. Тие му даваат предлог дека за сума од 700 евра ќе му закажат термин за неколку дена, со што експресно ќе добие резултати, од чиј исход зависи процесот на понатамошното лекување. Нормално дека пациентите немаат избор, туку мора да се снајдат и да најдат пари, со оглед на тоа што колку порано се откријат метастазите, толку побргу ќе почне лекувањето. Истото вакво испитување во приватните болници чини околу 800 евра.
Од текстовите најшокирачки е сознанието дека на некои од пациентите им се дава по пола терапија, односно на двајца истовремено им се дава една доза (половина од терапијата се заменува со физиолошки раствор за да не се примети дека има разлика во количината). Во системот се запишува дека тој пациент ја примил целата терапија, а во случајот таа е поделена на двајца онколошки пациенти, со што едната останува вишок и може да се препродаде.
Последно беше објавено за кражба на 20 ампули цитостатици од страна на медицинска сестра, како и случајот со земање мито на вработен во болничката аптека што потоа ги продавал.
Доброупатените извори тврдат дека таа терапија завршува на црн пазар во Косово. Станува збор за скапа биолошка терапија, каде што и само една ампула може да чини и до 4.000 евра.
Како ли спијат таквите медицински лица? Факт е дека позадината се парите, но пациенти умирале за некој да ушиќари, наместо скапиот лек да биде им даден на болните бил продаван, а тие примале сосема други терапии, меѓу кои и обичен физиолошки раствор. Тоа е најморбидното и болното.