Додека Македонија го чека турското МНР да даде зелено светло за екстрадиција на Љупчо Палевски, официјална Анкара бара испорачување на 5 припадници на ФЕТО или тн „ѓуленисти”, дознава Tелевизија 24.
Според истите извори, барањето за испорака на ѓуленистите е пристигнато во Скопје веќе некое време, но дали е услов за екстрадиција на Палевски, првоосомничениот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, засега нема одговор ниту од турското МНР ниту од македонското Министерство за правда.
Според правилата во Турција, за екстрадиција на Палевски потпис мора да стави шефот на турската дипломатија Хакан Фидан, а потоа и министерот за правда. Судскиот дел околу екстрадицијата е веќе одамна завршен, но потписи нема, а нема ниту најава кога екстрадицијата ќе се случи.
Инаку Турција со години бара испорака на турски државјани, кои се осомничени за поврзаност со движењето на Фетулах Ѓулен, кого Анкара го смета за организатор на обидот за државен удар во земјата во август 2016 година. ФЕТО е термин кој го користи турската влада кога зборува за поддржувачите на Фетулах Ѓулен, кој пак живее во Соединетите Американски Држави.
Претседателот Пендаровски неодамна порача дека, според информациите од разузнавачки карактер, најголемиот број на тн ѓуленисти не се повеќе во земјата.
Макеоднија, пак, веќе 5 месеци го чека Палевски да биде испорачан од Турција, откако на 5 декември беше уапсен од турските власти во Беликесир, по распишувањето на меѓународна потерница. Палевски во Македонија го чека судско решение за 30-дневен притвор и ќе биде пренесен веднаш во истражниот затвор во Шутка. Обвинителен акт се уште нема против ниеден од осомничените тројца соработници на Палчо ниту против таткото на убиената Вања.