Никој не му е ни блиску: Најдобар од Земјата до Месечината

Новак Ѓоковиќ ја освои титулата на Отвореното првенство на Франција, откако во финалето на Ролан Гарос го совлада Норвежанецот Каспер Руд – 7:6 (7:1), 6:3, 7:5. Средбата траеше 3 часа и 16 минути.
Ова е 23-та грен-слем титула за Ѓоковиќ. Тој е единствен тенисер во историјата со ваков резултат.
Србинот го надмина Рафаел Надал кој има 22 и се израмни со Серена Вилијамс која исто така има 23 грен-слем титули.
Ѓоковиќ освен тоа што е тенисер кој најдолго го заземал првото место на АТП-листата, тој има 10 титули на Австралија опен, 7 на Вимблдон, по три на Ролан Гарос и УС Опен. Заедно со мастерсите, Ѓоковиќ го освои својот 94-ти трофеј во кариерата, изедначувајќи се со Иван Лендл. Повеќе имаат само Роџер Федерер (103) и Џими Конорс (109).
Тој стана и првиот тенисер во историјата кој најмалку по трипати го освоил секој од четирите грен слем турнири.
Триумфот во Париз на Ѓоковиќ му донесе 2.000 поени и 2,3 милиони евра. Ова е за 100.000 повеќе отколку што доби Рафаел Надал лани, бидејќи наградниот фонд на турнирот е зголемен. Руд за пласман во финалето доби 1,15 милиони евра.
Севкупно, Ѓоковиќ, рекордерот по бројот на освоени Грен слемови, во кариерата од наградите на турнирите заработил вкупно 157,5 милиони евра. Според ова тој е убедливиот рекордер, Надал има освоено 32 милиони евра помалку, а пензионираниот Роџер Федерер заработи вкупно 121 милион евра.
Се верува дека сите тројца заработиле уште многу повеќе од спонзорски договори отколку од награди на турнирите.
Финалето на Ролан Гарос помеѓу Новак Ѓоковиќ и Каспер Руд го следеа голем број познати личности, меѓу кои актерот Хју Грант, фудбалерите Килијан Мбапе, Златан Ибрахимовиќ и Жиру, како и Том Брејди, еден од најдобрите американски фудбалери во историјата, кој го бодреше Ѓоковиќ во ложата заедно со семејството на српскиот шампион.

Останати вести