Австралиско-македонскиот театар од Сиднеј повторно ја збогатува културната сцена во македонската заедница со својата најнова драмска продукција – комедијата „Клеопатра од Кравари“, во авторство и режија на Душан Ристевски.

Претставата ќе биде изведена на неколку локации: на 8 и 9 мај во Macedonian Cultural Centre “Ilinden” во Рокдејл, на 10 мај во Bankstown Polish Club, и на 16 мај во Вулонгонг, во Croatian Catholic Centre.
Станува збор за современа и динамична театарска изведба која преку хумор и оригинален пристап ја отсликува секојдневницата, менталитетот и препознатливите ситуации од нашиот живот. Претставата е подготвена со голем ентузијазам, посветеност и љубов кон театарската уметност.
Во актерската екипа настапуваат: Гордана Милошевска, Самоил Митревски, Васко Србиновски, Марија Александрова, Марика Стојанова-Рок, Јордан Трпковски, Иван Конески, Даниел Најдоски и Рубин Нешкоски – кои со својата изведба ветуваат квалитетна и незаборавна вечер за публиката.
„Клеопатра од Кравари“ претставува уште еден значаен придонес кон негувањето на македонската култура и театарска традиција во Австралија, поврзувајќи ги генерациите преку смеа, уметност и заедништво.
Оваа продукција е одлична можност љубителите на театарот да уживаат во квалитетна домашна комедија и да ја поддржат работата на локалните уметници.