Виновни се, пресуди кривичниот суд во Скопје, сите шестмина обвинети за перење пари со цел Никола Груевски да се стекне со имот на Водно. По 9 месеци судење предметот “Плацови на Водно“ стигна до неправосилна пресуда.
Груевски доби две затворски казни – 5 години за криминалот што го направил и три години за прикривањето, што се претвори во единечна казна од седум години, неговиот братучед Сашо Мијалков доби 15 месеци затвор, бизнисменот Орце Камчев 1 година, а кумот на Груевски Ристо Новачевски и Ненад Јосифовиќ условни казни. За Ратка Камчева како управител на холдингот „Орка“ делото е застарено.
Судот вели дека материјални докази и сведоците на обвинителството ја докажале шемата како поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски присвоил над еден милион евра од партиската каса за да купи три парцели на Водно за себе.
– Во однос на Никола Груевски се покажа дека додека бил премиер, дејствувал коруптивно, стекнувал имот, чие потекло го прикривал, не го пријавил во својот анкетен лист. А исто така се докажа и во целост дека во 2012 година, преку фирми, офшор-компании со сложена шема, за себе купил имот во Македонија со незаконски парични средства. Дел од обвинетите ги признаа активностите кои ги презеле, но не и кривичните дела, рече судијата Илија Трпков во пресудата.
– Груевски ги присвоил доверените 1,36 милиони евра – пари од донатори и членови кои верувале во просперитет. За тоа потврдија сведоците Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер. Влатко Чинговски во својство на курир кажа како носел пари во партијата. Сведоци кажуваа како под влијание на Коце Трајановски и други, оставале големи суми во ВМРО-ДПМНЕ, а со парите според Јанкулоска и Протуѓер, никој друг во партијата не располагал освен Груевски, вели судијата Трпков во пресудата.
Понатаму ја објасни шемата на перењето на нелегално стекнатите пари:
– Македонските пари на Груевски прават прошетка до Белизе и преку Стопанска банка Битола се враќаат во Македонија. Потоа како пари на Камчев одат до Белизе и се враќаат во “Орка холдинг“. По објавувањето на бомбите, за да се прикријат парите на Груевски, сестрата на Камчев ги купува уделите на фирмата “Сирах“ на Груевски во размена за три стана во комплексот “Панорама резиденс“. Сите знаеле дека станува збор за нелегално стекнати пари, рече судијата Трпков.
Освен затворските казни, се конфискува и имот вреден 3 милиона евра: Груевски останува без становите каде што живеше на улицата „Павел Шатев“ во Скопје, како и луксузните апартмани во „Панорама резиденс“ кои наводно се негови во замена за земјиштето на Водно. Од Самсоненко се конфискува градежно неизградено земјиште на Водно (месност Шербетница) од 2.700 квадратни метри, како и плацот за викендичка во Крушево на име на кумот Ристо Новачевски.
Предметните 11 илјади м2 не се спомнуваат!?
Обвинителката Лиле Стефанова не е задоволна од висината на казните за обвинетите и ќе се жали.
– Барам поголеми казни за Груевски и Мијалков. Сметам дека за обвинетиот Никола Груевски за кривично дело за кое е предвидена казна затвор од една до 10 години, казната затвор од пет години е ниско определена. За сето тоа ќе се произнесеме кога ќе ја добиеме пресудата.
Освен Стефанова ќе се жалат и осудените.
Адвокат на Мијалков, Звонко Давидовиќ, рече:
– Денес судијата ги наброја причините и на неколкупати згреши. Еве конкретно ниту еден предмет, зборувам за мојот клиент, ниту еден предмет не е правосилно завршен, па тоа што се во тек постапки не значи дека треба да биде причина за заострување на казната, особено што и за други обвинети има постапки кои се во тек, рече Давидовиќ.
На Никола Груевски ова му е трета првостепена пресуда откако кривичниот суд го огласи за виновен за набавката на службен „Мерцедес“ на 2 години затвор, но и 18 месеци затвор доби за нарачувањето на шлаканици поврзани со протести пред Општина Центар. Сашо Мијалков, пак, претходно е осуден на 12 години затвор за масовно незаконско прислушување, 8 години за набавката на специјалната опрема од Израел, и 3 години за изборни измами во „Титаник 2“ , предмет кој Апелациониот суд го врати на одново судење во скопска единица.