Пратеникот и поранешен министер за надворешни работи, Антонио Милошоски објави документ од Амбасадата на Македонија во Загреб испратен до МНР и МВР во којшто пишува дека Бранислав Димитријевиќ уште во април годинава завршил во екстрадиционен притвор, но во Осиек, Хрватска. Наведено е дека Димитријевиќ, роден на 23.09.1965 година во Скопје, е уапсен по потерница на Интерпол иницирана од Ерменија, а по налог за апсење од 2019 година.
– МНР Османи и МВР Спасовски не ја говорат вистината кога тврдат дека за “Ерменската афера” прв пат слушнале во август оваа година, кога Србија извести дека го уапсила дипломатот Миле Миленкоски, кој со логистика од Македонија шверцувал обвинети од Ереван до Виена. Документот испратен од нашата амбасада во Загреб во април оваа година, со кој известува за екстрадициониот притвор на македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ во Осиек, баран преку Интерпол, е само уште еден доказ дека раководството на МВР, АНБ и МНР за “ерменската афера” дознало многу порано, но молчеле. Инаку Бранислав Димитријевиќ бил еден од најблиските соработници во проектите на Левон Саркисјан, братот на поранешниот претседател на Ерменија, без кого не поминувал ниеден поголем тендер, и кој исто така е во бегство. Во меѓувреме во МНР удираат по самарот (ветинг на двајца вработени од понизок ранг), додека триото “шверцери на луѓе од Ерменија” се уште ужива заштита на некои високи државни функционери, објави Милошоски.
Ерменија бара екстрадиција на уште двајца македонски државјани кои се во Македонија, но македонските власти и натаму наместо да го распретаат скандалот тие копаат друга дупка.