Македонија се подготвува за радикален пресврт во законот за забрана на пушење. Според новиот предлог-закон забраната ќе важи во сите затворени јавни простори, а увозот и продажбата на тутунски и никотински производи ќе бидат драстично ограничени. Цигарите целосно ќе се тргнат од видното поле на купувачите во маркетите, објави телевизија „Телма“.
Законот е скроен и наскоро ќе биде ставен на јавна расправа. Во сегашната верзија се предвидуваат ригорозни правила за сите затворени јавни институции и угостителски објекти.
„Забраната важи за сите угостителски објекти за исхрана, вклучувајќи ресторани, барови, меани и кантини“, се наведува во предлог-законот.
Пушењето ќе биде забрането и на терасите на кафеаните, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни. Забрана ќе важи и во автомобил во присуство на дете, на автобуски и железнички станици, пазари и редица други јавни простори.
Истата забрана ќе важи и за сите видови електронски цигари и вејп-уреди, а дополнително се забранува користење ароматизирани тутунски производи.
Исто така, цигарите, било обични, било електронски, ќе бидат целосно скриени и нема да смеат да се рекламираат или да бидат видливо изложени на рафтовите.
Министерството за здравство, кое го подготви законското решение, посочува дека целта е заштита на граѓаните и спречување на здравствена катастрофа.
Според податоците од Фондот за здравство на Македонија, стапката на пушење кај возрасни надминува 45%, што е далеку над европскиот просек. Половината од пушачите консумираат повеќе од 20 цигари дневно, а годишно околу 4.000 лица умираат од болести поврзани со пушењето.
Со воведувањето на овие построги мерки, Македонија се стреми да се приближи кон европските стандарди за заштита од тутун, да го намали бројот на пушачи и да спречи создавање нови генерации зависници.
Првиот Закон за заштита од пушењето во земјата е донесен пред цели 30 години (во јули 1995) и потоа е менуван и дополнуван уште 10 пати (помеѓу 2003 и 2018).