Новиот министер од ВМРО-ДПМНЕ, Тошковски: Проблемот со патните исправи ќе трае најмалку цела година

Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски смета дека проблемот со издавањето на патните исправи може само да се ублажи со добра организација, со соодветно менаџирање и прераспределување на човечките ресурси коишто ги има МВР, но оти нема можност да се продолжи примената на старите документи.

– Може да се подобри ситуацијата како во делот на фотографирање на граѓаните во однос на еден од првите чекори за издавање на патните исрпави, така и во делотт на издавање, рече Тошковски.

Веќа има 25 вработени од МВР кои доброволно се јавиле за испомош во најголемиот пункт за лични документи – во зградата на МРТВ во Скопје. Овие лица ќе треба да поминат соодветна обука од најмалку 7–8 дена за да можат да бидат поставени на тие позиции и да се олесни процесот на фотографирање.

Според министерот, човечкиот потенцијал којшто го имало Министерството досега не бил распределен соодветно, а луѓето кои работат во овој сектор, како што вели, биле праќани по казна на спроведување на овие управни постапки.

Тој со јавноста го сподели разговорот од средбата што ја имал со грчката амбасадорка Софија Филипиду. Таа му кажала дека од страна на македонските институции на повеќе наврати и било наговестено дека нема да го има проблемот којшто сега го има, заради тоа што веќе се издадени 1.250 000 патни исправи.

– Едноставно стихијно бил оставен системот да функционира како што функционирал. Алармантна е ситуацијата, верувајте ми. Проблемот кај пасошите не е само во фотографирањето и во издавањето, најголемиот проблем е во планирањето. Нам ни требаат некаде најмалку отприлика уште толку пасоши колку што се издадени. Кога го планирале процесот не го планирале според број на државјани на Република Македонија, туку според бројот на ефективно присутни во Република Македонија. Прва катастофална грешка. Многу доцна влегле во процесот на реализација на самиот Договор со Грција. И сега од позиција на амбасадор на своја држава таа нормално дека ќе инсистира на почитување на одредбите од Договорот, вели Тошковски.

Во однос на обрасците за пасошите рече дека проблемот не е со добавувачот, туку во лошото планирање. Минатата седмица пристигнале 50.000 бланко обрасци за пасоши, а очекува до крајот на овој месец уште 250.000 обрасци. Капацитетот на машината за печатење на биометриската страница е до 50.000 пасоши месечно, па според него за да се задоволат барањата на уште околу милион граѓани ќе биде потребна една година.

Најави дека на крајот на јуни или јули треба да стигне поголема количина на обрасци со кои треба да се задоволи остантиот дел од потребата за процесот.

– Граѓаните да не очекуваат дека ние имаме магично стапче. Јас чуда не можам да направам, ниту луѓето кои се таму со мене, но можат да дадат се од себе и да одат на работа по 14 – 18 часа ако треба за да подобрат нешто, да осетат граѓаните дека навистина има надеж, дека ќе одиме кон подобро. Но нема теорија процесот да заврши до 12 февруари, вели Тошковски.

Тој нагласи дека сегашната комуникација со заменикот министер е коректна, очекува да биде комукацијата каква доликува на таква институција а со цел да се обезбедат услови за фер и демократски избори.

Останати вести