Во саботата, на 6 јуни 2026 година, членовите, пријателите и поддржувачите на Македонска Православна Младина на Нов Јужен Велс, свечено ја одбележаа втората годишнина од основањето и дејствувањето на организацијата.Прославата се одржа во салата „Гранд Рокси“ во Брајтон Ле Сендс, каде што, преку пригодни обраќања, музичка програма и дружење во духот на христијанското заедништво, уште еднаш беше потврдено значењето на оваа младинска организација во животот на Македонската Православна Црква во Нов Јужен Велс.

Во текот на вечерта беше изразена особена благодарност до парохискиот свештеник, отец Владо, за неговата несебична духовна поддршка, пастирска грижа и постојано охрабрување на младите. Благодарност беше упатена и до сите спонзори, добротвори, волонтери, изведувачи и гости кои со својот придонес овозможија овој настан да биде достојно организиран и успешно реализиран.

Особено радува фактот што сѐ поголем број млади луѓе се собираат во организацијата, создавајќи искрени пријателства и заедница изградена врз темелите на верата, љубовта и меѓусебната почит. Токму таквото единство претставува охрабрување и надеж за иднината на нашите црковни заедници и на македонската православна младина во Австралија.Настанот уште еднаш ја посведочи живата вера и посветеност на младите, кои преку своето учество во црковниот живот придонесуваат за зацврстување на православното сведоштво и зачувување на македонските духовни и културни вредности во Австралија.
26 Jun 2026