Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски сведочеше пред Анкетната комисија во Собранието формирана за да се утврди политичка одговорност за скандалот на Клиниката за онкологија.
Рече дека МВР уште во 2012 година поднело кривична пријава против тогашниот директор на Онкологија за злоупотреба при набавка на цитостатици, но Јавното обвинителство до ден-денес нема преземено никакво дејствие по овој предмет. Потоа кажа дека следната кривична пријава против вработени во Онкологија биле во 2021 и сега во 2023. Моментно се водат финансиски истраги против 7 лица од оваа клиника.
– Досега постапувавме по неколку наредби за обезбедување на докази и паралелно за повеќе лица веќе се водат и финансиски истраги. Некаде за околу седум лица покрај кривичната истрага се води и финансиска истрага во однос на овој процес. Доказите се обезбедени, одземени се електронските уреди, одземени се здравствените картони и на тоа што го пишува во документите и она кое е во електронските уреди не може да влијае никој. Тоа е непобитен факт, изјави министерот Спасовски.
Пратениците од Анкетната комисија претходно го испрашуваа екс-министерот за здравство Беким Сали за тоа како е можно пациент починат во 2014 година повторно да биде заведен дека се лекува на Онкологија во 2021-та? Тој одговори дека за тоа конкретен одговор можат да дадат администраторите на „Мој термин“ или од Фондот за здравствено осигурување.
Постојат гласини дека истрагата открила имиња на најмалку 30 починати лица а кои се водат дека наводно и натаму се лекуваат од карциноми и добиваа терапија.