Организирана евакуацијаза македонските државјани од Блискиот Исток

Евакуацијата на македонските државјани од земјите на Блискиот Исток започна во неделата и ќе се реализира со повеќе комерцијални чартер-летови.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) информираат дека е склучен договор со авиокомпанија согласно Законот за јавни набавки, по спроведена соодветна постапка. За оваа намена владата обезбеди скоро 1 милион евра. Претходно имаше план сите македонски државјани кои ќе се евакуираат со автобуси да бидат пренесени во Саудиска Арабија, за да бидат на еден аеродром. За комерцијалните летови цените на авионските билети сконаа до небо, на пример од Дубаи до некои дестинации достигнуваат и до 20.000 евра за едно место.
„Согласно утврдениот план и предвидената динамика, се очекува до средината на оваа недела да бидат евакуирани сите македонски државјани кои изразиле подготвеност за враќање“, се наведува во соопштението на МНРиНТ.
Според последните податоци до Амбасадата во Доха се обратиле 150 македонски државјани, од кои 95 изразиле подготвеност за евакуација. Амбасадата во Абу Даби ја контактирале 585 лица кои престојуваат во Обединетите Арапски Емирати, како и 36 лица од Кувајт, 15 од Бахреин и пет лица од Кралството Саудиска Арабија.
Министерството ги повика сите македонски државјани кои сè уште не стапиле во контакт со дипломатско-конзуларните претставништва, а имаат потреба од евакуација или асистенција, тоа да го направат во најкраток можен рок преку дежурните телефонски броеви на амбасадите или преку СОС-бројот на Министерството.
Техничките и организациските детали околу летовите се утврдуваат во координација со економскиот оператор, за што граѓаните ќе бидат навремено информирани, додаваат од Министерството.
Неофицијално се смета дека ќе бидат доволни три-четири чартер летови за евакуација на сите македонски државјани кои сакаат да се вратат дома.
Македонците кои се евакуираат се затекнале во арапските држави на Блискиот Исток по работа – едни работат за газди, други развиваат свои бизниси.
Нема опасност за состојбата во Македонија
Во меѓувреме, минатата седмица македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова свика седница на Советот за безбедност на која на дневен ред беше безбедносната состојба во земјата по најновите случувања на Блискиот Исток. По седницата таа изјави дека состојбата е стабилна и дека нема опасност по безбедноста во земјата и во регионот.
– Не сме изложени на нестабилност и нема опасност по безбедноста внатре и во регионот. Систем за предупредување постои, институциите ја следат состојбата, се координираат и оттаму е оваа оценка за стабилност и безбедност. Координирани сме и со органите во регионот и ќе споделиме информации, рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Останати вести