Се урна дел од спомен-куќата на Владо Малески (творецот на текстот на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“) во Струга. Паднат е јужниот ѕид од куќата која е заштитена како културно наследство. Веднаш до неа се ископани темели за нова куќа што се гради на местото на постар објект, во кој имало етнолошка изложба и тој не бил заштитен со закон. При изведба на работите не било водена сметка, при што дошло до обрушување на дел од земјиштето и покривот на старата струшка куќа
Куќата на Малески се наоѓа во старото градско јадро во Струга, во сокачето кај што е и куќата на Миладиновци.
Сега целата куќа се потпира со греди од надворешната страна за да не падне целосно.
Директорот на националната установа Завод и музеј Охрид, Горан Патчев, информираше дека е направен увид, дека е стопирана работата на терен и ќе се направи проценка на штета, по што ќе се преземат итни неопходни мерки за спречување натамошно оштетување. Ќе се направи сè што е можно објектот од историско значење да биде саниран. Секако, доколку воопшто тоа е изводливо, ако во меѓувреме не се урне целата куќа.
Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа со соопштение во кое за виновници се посочуваат политичките противници – прво СДСМ зашто во „нивно време“ е издадена дозвола за градежните работи од страна на Управата за заштита а спомениците, а веднаш со нив и ДУИ: „Градоначалникот на ДУИ од Струга даде градежна дозвола за објект до куќата на Владо Малески и ја загрози истата со нејзино уривање. Криминалот на ДУИ и неадекватното работење прави штета по државата секој ден. Јавното обвинителство мора да постапи и отвори истрага. Очекуваме одговорност за штетата. Се надеваме дека Министерството за култура ќе направи се да ја поправи штетата направена од ДУИ и ќе ја обнови куќата на Владо Малески“, велат од владејачката партија.
Пратеничката Јована Мојсоска од Левица, инаку стружанка, објави фотографии од објектот со реакција:
„Струга изгуби еден од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба, куќата на истакнатиот припадник на НОБ – големиот Владо Малески. Во овој историски објект, на 23 септември 1941 година, во присуство на членовите на покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија, народниот херој Кузман Јосифовски – Питу одржа конститутивен состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко.
Се руши куќата на Малески, додека ОЈО Струга една година не постапува по моите пријави за дивоградбата во самиот центар на струшката чаршија (и веќе се гради трет кат). Струга е узурпирана од градежни мафијаши, алчни политиканти и заробени институции кои секој ден го убиваат културниот и антифашистичкиот дух на Струга.
За ваквото сквернавење на споменот на авторот на македонската химна, низа инстититуции ќе мора да дадат одговор кој и како дозволил рушење на овој објект – со имиња и презимиња за одговорност!“, вели Мојсоска во текстот на објавата.
Причина: „подземни води“ или поткопување на темелите?
По направениот увид полицијата соопшти дека кривична пријава ќе добие работникот кој на 15 октомври, со работна машина, додека изведувал градежни работи, го поткопал темелот.
Од МВР соопштија: “Н.К. од струшкото село Велешта, при изведување градежни работи на улицата „Браќа Миладиновци “ во Струга со работна машина го поткопал темелот од јужниот ѕид на спомен куќата-музеј на Владо Малески, која претставува споменик заштитен како значајно културно наследство. Против сторителот ќе биде поднесена кривична пријава за ‘оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство’, согласно член 264 од Кривичниот законик.“
Но од Управата за заштита на културно наследство (УЗКН) дојде поинаква информација за причината за оваа катастрофа:
– Од страна на инспекцискиот надзор сум известена дека до паѓање на калканскиот зид најверојатно дошло поради постоење подземна вода, соопшти директорката на Управата, Весела Честоева.
Во образложението на Управата за заштита на културното наследство стои дека издала Решение за заштитно-конзерваторски услови за рушење на постојниот и изградба на нов објект на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, КП 1336 КО Струга. Во управната постапка било прибавено Мислење од Комисијата за управување со светското и природно културно наследство на Охридскиот регион. Управата врз основа на Мислењето од Комисијата, во Решението за заштитно-конзерваторски услови, покрај другите услови за преземање мерки на непосредна заштита, укажала дека објектот во сопственост на Зуди Каба се наоѓа непосредно до и дели калкански ѕид со поединечно заштитеното добро Стара струшка куќа – Владо Малевски и затоа потребно е да се дефинира начинот на рушење на постоечкиот објект и мерките за заштита од оштетување или загрозување на постојниот, поединечно заштитен објект. Мерките за заштита за соседниот објект, кој е поединечно заштитено добро, се определуваат во основниот проект и треба да бидат соодветно применети од изведувачот на објектот, стои во соопштението од Управата.
Кој е Владо Малески?
Роден е во Струга, на 5 септември 1919 година. Основно образование завршил во Скадар, Албанија, а гимназија во Битола. Студирал на Правниот факултет во Белград, но поради избувнувањето на Втората светска војна ги прекинал студиите.
Бил учесник во НОБ на Македонија како еден од организаторите на партизанското движење во струшкиот крај.
Во 1940/41 година го напишал текстот на денешната македонска химна „Денес над Македонија се раѓа“. Песната првпат е изведена на новогодишна игранка на 31 декември 1941.
По завршувањето на војната бил директор на Радио Скопје и уредник на списанијата „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“. Исто така, работел во дипломатската служба на СФРЈ, како амбасадор во Либан, Етиопија и Полска.
Како писател има објавено пет романи и три книги со раскази. Исто така е автор на сценариото за првиот македонски игран филм „Фросина“.