Партиите на Албанците во Македонија жестоко реагираат по одлуката на Уставниот суд да ги отфрли иницијативите со кои се бара од МВР известувањата за сторен сообраќаен прекршок од „Безбеден град“ да ги испраќа и на албански јазик (освен како што стои во Законот за безбедност во сообраќајот – на македонски и англиски). Иницијативите ги поднесоа двата дела на Алијансата за Албанците, предводени од Зијадин Села и Арбен Таравари, како и студентот Или Пачуку.
Сега од ДУИ до „Вреди“ – сите бараат оставка од претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, зашто според нив ги надминал своите надлежности и брутално интервенирал во правниот поредок и во меѓуетничките односи во државата. Не ги зел предвид гласовите на двајцата уставни судии етнички Албанци и еден Турчин.
Али Ахмети, лидерот на опозициската ДУИ, во нон-пејпер до странските дипломати во Скопје го обвинува Уставен суд дека носи етнички одлуки, врши мајоризација, веќе го укинал „балансерот“, чепка во албанскиот јазик, а под закана се и „хашките случаи“, односно Законот за амнестија. Ахмети е загрижен и дека Гоце Наумовски е избран за нов уставен судија бидејќи бил советник на Мицкоски и брат на Васко Наумовски, поранешниот вицепремиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Според ДУИ, Костадиновски е партиски војник што е подготвен да запали цела држава за тесни лични интереси.
Лидерот на ДУИ истовремено врши притисок пред странците за воведување на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, односно одлуките за законите донесени со двојно мнозинство, Судот да ги носи според Бадентеровиот принцип.
Од Движењето „Вреди“, пак, велат дека како легалисти не сакале да ја коментираат одлуката на Судот за да не се сфати како партиски притисок, ама сепак, како луѓе и како партија не можат да се оттргнат од впечатокот дека овој состав на Уставниот суд повеќе наликува на југословенска политичка елита отколку на највисока судска инстанца.
„Употребата на албанскиот јазик е основно човеково право, кое е една од темелните вредности на Уставот. Државните институции имаат обврска да го обезбедат исполнувањето на правото на секој граѓанин на државата да биде известуван на својот мајчин јазик. Ова важи и за системот „Безбеден град“. ‘Вреди’ останува на ставот дека кога државата го известува, предупредува или санкционира граѓанинот преку овој систем, таа има обврска тоа да го прави и на албански јазик. Ова не е прашање на политичка волја, туку уставна обврска и почитување едно темелно право. Затоа ќе го браниме овој принцип со сите правни и институционални средства, сè до негово целосно спроведување и без никаква дилема“, велат од „Вреди“.