Српската православна црква (СПЦ) официјално по 55 години конечно прифати да даде отпуст и ја признава автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Одлуката ја соопшти поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј по заедничкото сослужување со архиепископот Стефан во соборниот храм “Свети Климент Охридски“ во Скопје.
Ова беше второ заедничко сослужување по постигнувањето на канонско единство. Претходно двајцата поглавари имале средба во Ниш на 6 мај на која ги договориле следните чекори. На 9 мај Вселенскиот патријарх објави дека се прима Охридската архиепископија во канонско единство, по 55 години раскол. Веќе на 19 мај Саборот на СПЦ објави дека го прифаќа барањето на МПЦ-ОА да биде примена во автономен статус и канонско единство како мајка Црква. Следното заедничко сослужување беше организирано на 24 мај во Скопје на кое сите Македонци ја слушнавме долго очекуваната порака што ја пренесе патријархот Порфириј:
– Светиот Собор на СПЦ едногласно излезе во пресрет на молбата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, ја благословува и одобрува, ја прифаќа и ја признава нејзината автокефалност!
Српскиот патријарх претходно говореше за постигнатото единство во Христа:
– Да се радуваме сите ние кои после 55 години служевме Света литургија, прво во Белград, а сега и во Скопје, за само неколку дена. Вашата љубов и молитви и во Белград и тука помогнаа да се надмине искушението и Господ да направи чудо. Дека не можеме едни без други. Воспоставивме единство. Да се радуваме денеска, со нас денеска се радува целата црква, се радува и небото и земјата, се радуваат сите кога браќата се сакаат и кога го слават името Божје.
Бог не ги постави границите да се делат луѓето. Границите значат можност секој народ подобро да се организира да има свој посебен печат. Не да се затвори во себе, не да биде самозаљубен. Бог ја создаде различноста и секому даде дар на посебност.
Затоа секогаш треба да знаеме дека сите треба едно да бидеме, иако сите сме разлини, во едно сме единствени. Во Христа сме едно.
Еден е Господ и една е црквата негова и една е верата наша.
Затоа денеска неописиво се радуваме. Пред нашите се случува чудо. Ние сме дел од тоа чудо, порача српскиот патријарх.
Тој ги објави и следните чекори: сега треба патријархот Порфириј со соработниците од САС на СПЦ, во соработка со архиепископот Стефан и македонскиот Синод, да ги разработат техничко-организациските детали, по што ќе следи свеченото прогласување на официјален акт.
– Потоа ќе бидат известени сите помесни православни цркви по својот каконски ред и тие да го прифатат афтокефалниот статус на МПЦ-ОА. Уверен сум дека тие ќе го сторат тоа, заклучи патријархот Порфириј.