Пендаровски и предлага на Владата да ги прогласи за “непожелни“ Џамбазки и уште неколкумина бугарски државјани

Сега се чека министерот Османи да реши да го официјализира предложеното бидејќи тоа било во надлежност на МНР

Претседателот на Република Македонија, Стево Пендаровски, свика итна седница на Советот за безбедност на која била разгледувана актуелната ситуација. Веднаш по седницата соопшти дека, според сите проценки и анализи на надлежните безбедносни служби, одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари ќе биде настан од висок безбедносен ризик. На тој ден структури во Бугарија се мобилизирани за организирано доаѓање во Скопје на повеќе лица кои спроведуваат антидржавни кампањи кон Македонија. 

Во овој контекст Пендаровски изјави дека ќе ѝ предложи на Владата да им забрани влез во државата на еден пратеник од Бугарија во Европскиот парламент и на неколку други лица – државјани на Бугарија поради дејствија што претходно ги преземале и сè уште ги преземаат против нашата држава. 

Во врска со темата, како што додаде претседателот, реферирале директорите на безбедносните служби – Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност, присутни на седницата.

– Станува збор за структури во соседна Бугарија кои се активирани особено по усвојувањето на европската преговрарачка рамка за Македонија во јули минатата година. Истите овие структури се мобилизирани и логистички и финансиски за да го поддржат организираното доаѓање во Скопје на повеќе лица на 4 февруари кога го одбележуваме денот на раѓањето на Гоце Делчев. Според сите проценки, тоа ќе биде настан од висок безбедносен ризик и надлежните органи не смеат и нема да бидат само неми набљудувачи на тоа што ќе се случува, рече Пендаровски.

Тој потенцираше дека на вакви организирани антидржавни кампањи кои ги спроведуваат политички партии и поединци во Бугарија, може како држава да одговориме на два начина:

– Првиот е со културна дипломатска реторика, како и досега и тој круг на провокации кои најчесто не остануваа само на зборови, туку предизвикува и насилство, сигурно нема да заврши, но ова ќе продолжиме да го правиме и понатаму. Второ, со мерки кои секоја сериозна и организирана држава ги презема во вакви ситуации. Знаете дека Советот за безбедност е советодавно тело на претседателот кое не одлучува туку дава предлози до Собранието и до Владата. Мој предлог до Владата, кој го изнесов и на седницата е согласно одредбите од Законот за странци од МНР да му забранат влез во нашата земја на еден пратеник од Бугарија во ЕП и на неколку други лица државјани на Република Бугарија поради дејствијата кои порано ги преземале и се уште ги преземаат против нашата држава.

Иако не го спомена со име и презиме, повеќе од јасно е дека станува збор за европратеникот од Бугарија Ангел Џамбазки. Законските основи врз основа на кои Владата може да изрече ваква мерка се три и произлегуваат од Законот за странци:

закана за јавниот поредок;

закана за национална безбедност;

закана за меѓународните односи на Република Северна Македонија.

– Тоа, во принцип, значи конкретно дека ако таквите лица се надвор од земјава да не им биде дозволен влез, ако се веќе внатре да им биде откажан престојот и да бидат прогласени за персона нон грата, посочи Пендаровски

Освен за настанот на 4 февруари да помине како што доликува, додаде претседателот, како држава ќе мора да ги преземе сите неопходни мерки и на терен – од граничните премини, па се до главната локација во Скопје каде, како што истакна, пристап треба да имаат само луѓето – Македонци или Бугари, сеедно, кои сакаат да му оддадат почит на делото на Гоце Делчев, но не и оние кои доаѓаат со цел да го негираат и понижуваат македонскиот народ.

Претседателот на државата на крајот упати порака до надлежните институции во Бугарија, кои не се дел од овие сценарија – политички да ги изолираат луѓето кои не сакаат добрососедски односи меѓу двете земји. 

– Ние тоа го правиме и ќе го правиме кај нас. Македонија не ви е непријател, меѓутоа оваа држава има закони, има достоинство и кога тие граници ќе бидат преминати, ние секогаш ќе реагираме за да се заштитиме. Секоја сериозна држава на светот, впрочем, тоа го прави, вклучително и Бугарија. Предлагам во наредниот период далеку подобра координација меѓу надлежните институции меѓу двете земји со цел европската агенда и билатералните односи да не станат жртва на анахрони националистички и популистички политики од двете страни, подвлече Пендаровски.

Останати вести