Австралиската министерка за надворешни работи, Пени Вонг, го повика Израел да „слуша“ кога неговите пријатели бараат од него да ги заштити животите на невините во Газа и предупреди дека светот „нема да прифати непрестајна смрт на цивили“.
Нејзините коментари се одраз на сè погласните повици на лабуристичката влада до Израел да ја минимизира смртноста на цивилите во Газа. Австралиската министерка за надворешни работи рече дека цивилите од двете страни се „убиваат во ужасен, трагичен конфликт“.
„Тоа е ужасен, трагичен судир. Гледаме загуби на животи. Гледаме цивили убиени од двете страни на конфликтот“, изјави Вонг, додавајќи: „Видовме цивили од двете страни во голема болка. Сè уште има израелски заложници кои Хамас ги држи“, додаде таа.
„Кога пријателите на Израел го повикуваат Израел да го заштити животот на цивилите, како што правиме ние, од клучно значење е Израел да слуша“, рече Вонг.
Нејзината изјава доаѓа по писмото потпишано од шест поранешни австралиски премиери во кое се изразува солидарност со еврејската и палестинската заедница и се сугерира дека „терористите ќе победат ако нивните срца се полни со омраза“.
Австралија е меѓу 45-те земји, вклучувајќи ги Британија, Германија, Индија, Канада и Македонија, кои се воздржаа од гласање за предлогот на Генералното собрание на ОН со кој се повикува на итен хуманитарен прекин на огнот. Австралија тврди дека предлогот е „нецелосен“ бидејќи не го осудува директно Хамас за нападите на 7 октомври.