Европската комисија работи на план чија крајна цел е почеток на преговори за членство со Македонија и со Албанија во март следната година.
Новиот еврокомесар за соседство и проширување, Унгарецот Оливер Вархели, за ова ги информирал министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ на работниот појадок на кој присуствуваа и шефовите на македонската и на албанската дипломатија, Никола Димитров и Гент Цакај. Учествуваа дваесетина шефови на дипломатии, меѓу кои и на Германија, Холандија, Данска, Австрија, но не и на Франција која беше претставена на амбасадорско ниво.
– Дебатата беше многу охрабрувачка. Се чини дека ќе бидеме во можност да продолжиме напред и да ја исправиме грешката која беше направена во октомври. Би требало да бидеме во можност да почнеме пристапни преговори со двете земји веќе следната пролет, вели Оливер Вархели, еврокомесар за соседство и проширување.
Идејата е документот за реформа на методологијата за преговори, во нацрт-верзија, да излезе од Европската комисија кон крајот на јануари, по што комесарот би почнал консултации со земјите-членки на ЕУ. Во идеално сценарио, новата методологија и одлуката за почеток на преговори со Скопје и со Тирана би требало да се донесат во март.
Што се случува со францускиот нон-пејпер?
– Најголем дел од министрите го делат ставот дека – да, францускиот нон-пејпер е добар предлог. Се разбира, со некои идеи се согласуваме со други – не, но ова се два процеса. Стартот на пристапните преговори не треба да биде одложен додека ја преговараме новата рамка за пристапување. Овие процеси можат да бидат паралелни, вели шефицата на бугарската дипломатија Кристина Захариева.
Шефот на дипломатијата Никола Димитров вели дека Македонија сака да гледа напред, а не да се занимава со тоа кој е виновен што во октомври немаше одлука за преговори. Димитров е воздржан и не зборува за рокови.
– Би сакал да изразам благодарност до министерот Никос Дендиас и нашите грчки пријатели што го организираа овој појадок. Ние сме соседи, стануваме многу добри пријатели и имаме работи што треба да се завршат. Немаше одлука во октомври. Во јуни ни беше кажано дека ќе има одлука. Затоа, треба да го исправиме тоа. Мислам дека нема алтернатива за Западниот Балкан освен европската интеграција. Нема да западнеме во стапицата да бидеме жртва и да обвинуваме кого било. Ќе продолжиме да произведуваме добри вести, како за домашните реформи така и со добрососедски односи со сите и ќе направиме да биде невозможно за која било земја-членка да каже „не” повторно, во следните неколку месеци, рече Никола Димитров.
Временската рамка за идните чекори би требало да изгледа вака:
Европската комисија до крајот на јануари изготвува нацрт-методологија за пристапните преговори и почнува консултации со земјите-членки на ЕУ;
Европската комисија во февруари објавува скратен извештај за напредокот во реформите во Македонија и во Албанија;
Советот на Европската унија, односно земјите-членки, кон крајот на март ја усвојуваат новата методологија и носат одлука за почеток на преговори со Скопје и со Тирана;
во календарот на ЕУ предвиден е состанок на Европскиот совет на 26 и 27 март, кога веќе ќе бидат завршени и локалните избори во Франција, закажани за периодот од 15 до 22 март.
Се смета дека клучно за македонското досие ќе биде во Собранието (пред тоа да се распушти) да се донесе нов Закон за јавното обвинителство.