По пауза од 2 години поради пандемијата карневалската магија повторно го зафати Прилеп. Над 500 учесници маскирани во 15-тина групни маски продефилираа пред присутните во центарот на градот. Оваа година немаше гости од странство, само од Прилеп и Македонија, но организаторите и учесниците велат дека најважно од се е тоа што се продолжи со вековната традиција за да таа не се изгуби.

– Овој карневал значи многу за Прилеп и Општината бидејќи тоа е негување на културното богатсво, пренесување, промовирање и сето тоа зачувување на нашиот идентитет, рече Ванчо Ѓорѓиев, претседател на здружението „Прилепски мечкари“.
Секако карневалот и маските беа во духот на добропознатиот прилепски мајтап и шега.
– Кој ќе мажи или жени во Прилеп требало да плати арач на Црниот Арап, е сега тука има еден скржав поп кој не сака да плати арач и му дава во натура да му крсти деца и друго, а како кум пак се јавува сега Крале Марко кој ќе видиме дали ќе ја земи невестата на Црниот Арап, рече еден од учесниците во карневалот.
Организаторите се надеваат дека идната година “Прочка“ ќе го врати целиот свој стар сјај со голем број гости од странство и повеќе домашни маски.
– Се надеваме дека в година ќе имаме уште поголема масовност, со повеќе членови и меѓународен карактер, истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Маските ги оценуваше жири комисија, а за најдобрите имаше обезбедено награди. Карневалот се затвори со концерт на групата „Фолтин“.