Во Скопје се одржа промоција на книгата “Прости му на Ѕверот“ на академик Божин Павловски – писател, интелектуалец, патешественик, вљубеник во Македонија, визионер и ерудит. Ова е третата книга од делумно автобиографската „Трилогија на вознесот“ во издание на МАНУ и издавачката куќа „Матица македонска“. Пред многубројните присутни академик Љупчо Коцарев одржа инспиративно слово во кое, меѓу другото, рече:
– Трите книги од автобиографската „Трилогија на вознесот“ се необични романи – во нив се проткаени, од една страна, животните приказни на неколкумина Македонци, но, од друга страна, и копнежите и заблудите на Божин, поврзани со македонското прашање. Впрочем, „Трилогијата на вознесот“, 24-те романа, расказите, трите тома записи и колумни и делото „Македонците отаде Екваторот” сведочат за непокорот, за спротивставувањето на разнебитувањето на Македонија и на исчезнувањето на Македонците.
Македонија треба да чекори по европскиот пат – тој пат нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата, но, на тој пат, ние треба да чекориме само како Македонци. Никогаш порано во историјата на Македонија за дел од центрите на политичка моќ надежта за полноправно членство во ЕУ не била поголема, но никогаш, за жал, таа не направила толку многу штета како денес. Никогаш не научивме како да се откажеме од надежта, па затоа, денес, згаснуваат, изумираат македонскиот јазик, идентитетот, државата. Всушност, неподготвеноста да се соочиме со реалноста и желбата пред фактите „да се избега во рајот на некоја будала со цврсти идеолошки убедувања“, нè доведоа таму каде што сме денес. За Хана Арент, надежта ги прави луѓето беспомошни и ги спречува да дејствуваат храбро. Па така, заради надежта за полноправно членство во ЕУ дозволивме да се избришат Македонците во Егејот и во Пиринска Македонија, дозволивме бесмислени реформи и дивеења на владејачката елита.
Иво Андриќ напиша: „Да се зарази некој со чекање, тоа е најсигурниот начин да се владее со него, тоа значи тој да се направи неподвижен и безопасен, целосно и засекогаш; оваа измама на чекање е потешка од секој затвор и посилна од најсилните окови, бидејќи, со многу среќа и вештина, човек од затвор може да побегне, од окови да се ослободи, но од тие измами (!) – никогаш ни довека“.
Договорите со Грција и со Бугарија се две страни од една иста паричка, и тие здружно и во синергија водат до исчезнување на Македонците. Во романот „Процес“, Франц Кафка пишува за бруталниот и ирационален судски систем што го прогонува Јозеф К.: „К. сега точно знаеше дека неговата должност би била сам да го дофати тој нож, додека минуваше од рака во рака, лебдеше над него и сам со него да се прободе“.
Доаѓаат бурни времиња, секој од нас ќе „мине низ сито и решето, горчливиот живот ќе го узнае“, македонизмот ќе се изедначи со национализам и со безизлезност, додека, пак, разноразни домашни и странски душегрижници ќе нè убедуваат самите себеси да се понижиме, да се разнебитиме, да се прободеме, ќе нè убедуваат, по заборавот на првото знаме на македонската независна држава и името на државата, дека сега е време да се откажеме и од македонскиот јазик и од македонската историја.
Посочувајќи дека излезот од оваа состојба е одлучно да се каже „НЕ“ на планираните и предложени уставни измени, на Божина му посакувам да продолжи уште многу години да ја пишува историјата на македонската книжевност со нови литературни творби, со нови книжевни записи, а на Македонците им порачувам, парафразирајќи го Раде Силјан, да ги „чуваат тапиите од лозјата и од нивите“ – кажа академик Коцарев на промоцијата на книгата “Прости му на ѕверот“.

Вториот промотор, академик Катица Ќулавкова, зборуваше за Божин Павловски како автор на дваесет и четири романи кој оформи статус на македонски романсиер со богат опус што во најголема мера го посвети на „македонската тема“ сфатена во широка смисла на зборот.
– Самата оваа трилогија ја навестува главната тема на романот “Прости му на ѕверот“: номадизмот како идентитетски маркер, како судбина, како култура, како начин на опстанок, како историја на бесмртноста, па и како реплика на латентниот етноцид…
… Романот “Прости му на ѕверот“ рекреира една социокултурна состојба на македонското општество од крајот на 20 век и е испишан како роман на еден македонски конфликт карактеристичен за она што популарно се препознава како „македонски синдром“ – да се деградира најдобриот, да се маргинализира оној кој е во центарот, во жижата на општествените настани и културните вредности. Со овој последен роман на Божин е јасно дека – не толку македонската тема сама по себе, не толку ни темата на егзилот, туку темата на изопштеноста спаѓа во редот на големите романескни теми. Токму изопштеноста е карактеристична состојба на духот на лица во егзил. Тоа ги прави овие две теми не само неразделни, туку и продуктивни и инспиративни за опишување и читање. Продуктивни, затоа што на оваа тема само еден автор може да создаде/да објави цела серија романи, биографии, автобиографии, мемоари, епистолариуми, односно трилогии, тетралогии, па и полилогии…
… Разврската на внатрешниот конфликт, надминување на јанѕата да се биде или да не се биде на одреден начин (изопштен, во заточение, онеправдан), го осмислува светот на романот и ѝ дава книжевна тежина на неговата исповедност и неговата автоперцептивност. Со тоа, раскажувањето како книжевен чин добива и катарзична димензија, заправо еден вид терапевтска функција, не само за раскажувачот, туку и за читателот. Ова е роман кој ја враќа вербата дека е можна преобразба, дека на земјата сепак има место за разумот. Разумот е другото лице на доброто или доброто е инкарнација на разумот. Има многу финеси и варијаци во таа инкарнација, но тука некаде е сместена смислата на она што писателот го испраќа како филозофска максима со овој роман, рече академик Катица Ќулавкова.
