Повеќе од 100 македонски научници: Со индигнација ги отфрламе препораките на Историската комисија!

Повеќе од сто македонски интелектуалци, меѓу кои академици и дописни членови на МАНУ, декани и универзитетски професори, историчари и лингвисти потпишаа заедничка изјава во која ги отфрлаат со индигнација препораките на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања на Македонија и Бугарија и ги сметаат за псевдонаучни и нерелевантни за понатамошната научно-истражувачка работа:
– „Препораките… го игнорираат фактот дека ‘историското право’ не е призната категорија во меѓународното право, па следствено – за историските прашања не се валидни политичките спорови и договори.
– „Препораките… ја интерпретираат, па и ја ревидираат македонската и регионалната балканска историја на начин кој има политички претекст, поради што отстапуваат од принципот на научност и етичност
– Политичкото инсистирање да се усвојат билатерални препораки за историја која има мултилатерален и унилатерален карактер, па не може да се официјализира како „заедничка“ бугарско – македонска историја, претставува повреда на референтната парадигма на хуманистичките науки.
– Под привид на реципроцитет препораките…промовираат метод на арбитрарно и пристрасно толкување на историските факти, личности, настани и процеси кои се значајни за повеќе народи, култури, држави и епохи.
– Во овие препораки… македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката.
– Препораките… го дискриминираат усвоениот и научно заснован наратив за културната, националната и политичката историја на Македонија, застапуван од македонски и други научници со меѓународна репутација.
– Иако историјата на Македонија и на Македонците е повеќедимензионална и опфаќа повеќе историски епохи и цивилизациски констелации (античка, средновековна, нововековна, современа), во препораките… се маргинализираат цели епохи од национална, регионална и меѓународна важност.
– Во контекст на македонската историја, Македонија може и треба да се проучува, културолошки, тематски и методолошки, на повеќе начини: како територија (геополитички), како држава, како нација која има свој сопствен развоен културен и политички континуум – од етнос до македонска политичка нација и признат меѓународно правен субјект.
– Македонската историја претставува суверен интерес на Република Македонија, како што историјата на Бугарија е примарен интерес на бугарската држава, па треба да го задржи правото на сопствено научно и официјално толкување.
Поради сето ова, ги сметаме за ништовни и нерелевантни за нашата понатамошна научно истражувачка дејност т.н. „Препораки за заедничко одбележување на историски личности“ на „Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања усвоени од страна на Заедничката меѓувладина комисија…“

Останати вести