Повик за совест и реставрација: Македонскиот центар во Саншајн се распаѓа пред наши очи

Македонскиот центар во Саншајн, што се наоѓа на 45 Fourth Avenue во Sunshine и е под старателство на Македонската православна црква во Футскрај, некогаш стоеше како горд симбол на нашето културно наследство и единство. Основан со љубов и жртвување од македонски мигранти во 1980-тите, со огромен капаците од над илјада луѓе на големата сала и уште една помала, со професионална бина и дополнителни простории на огромен плац од 2.47 акри или околу 10,000 квадратни метри во близина на централното подрачје на Мелбурн. 

Слика од настан одржан во 2020 година

Тој служеше како срце на нашата заедница долго време – таму се одржуваа свадби, крштевки и безброј културни настани што ја собираа заедницата и го зајакнуваа нашиот идентитет. Се сеќаваме на илинденските фестивали, избори на мис, концерти, балови и буквално за секој важен момент од независноста па се до крајот на деветесеттите години беше главното собирно место на заедницата.За жал, кога започнаа судските спорови помеѓу епархијата и црковните општини наеднаш беше прекината врската со заедницата и тој долго време беше изнајмен под кирија на кинески бизнисмен како “Millennium Reception”. Така работеше се до пред четири години кога имаше протекување вода од покривот.

Поранешниот влез на Македонскиот центар во Саншајн во златните денови


Денес неговата запоставена состојба раскажува многу поинаква приказна – приказна за години на лошо управување, неактивност и молчење.
И покрај историското значење за македонската заедница, постои загрижувачки недостаток на транспарентност во врска со финансиската и оперативната состојба на Центарот. Црковната општина како основна верска добротворна организација, организацијата не е должна да открива финансиски информации, оставајќи ја заедницата во темнина за тоа што тргнало наопаку и зошто.Сепак треба да се ангажираме како заедница на која овој објект е изграден да служи да видиме што може да се поправи и да се врати во функција.Со почит, исто така ја повикуваме Македонската православна црква, како законски старател, да истапи  со лидерство и одговорност што ја заслужува македонската заедница. Секое одлагање само повеќе ќе го доведе зданието во уште полоша состојба. Време е да се обезбеди целосен и транспарентен извештај за моменталната состојба на Македонскиот центар во Саншајн и да се зацрта јасен и реалистичен план за реставрација.

Денес се гледаат искршени прозорци, графити и изгледа како сцена од хорор филм
Целосно е запоставен имотот и цел на деликвенти во општина Бримбенк

Македонската православна црква „Свети Илија“ е основана во 1974 година и има незаменлива улога во нашиот духовен и културен живот во Мелбурн и Викторија. Таа е длабоко ценета – особено од оние кои се венчале, крстиле или благословиле во нејзините свети ѕидови.
Но, не смееме да дозволиме нашето наследство да биде еродирано и занемарено. Овој Центар е повеќе од тули и малтер – тој е доказ за соништата и жртвите на нашите предци и се надеваме дека ќе остане за нашите генерации во иднина.

Останати вести