ПОЛОВИНА ВЕК ПОСВЕТЕН НА ЗАЧУВУВАЊЕ НА ЈАЗИКОТ И ИДНИТЕ ГЕНЕРАЦИИ:Македонското етничко училиште „11 Октомври“ од Јагуна го одбележа својот 50-годишен јубилеј

Свеченоста беше можност на едно место да се сретнат и препознаат некогашните учители и ученици, нивните родители, како и членови на поранешните управи

Половина век постоење, половина век македонски збор, песна, традиција и посветеност. Македонското етничко училиште „11 Октомври“ од Јагуна во Сиднеј свечено ја одбележа својата 50-годишнина, прослава која на едно место ги собра поранешните и сегашните наставници, ученици, родители, членови на управите и пријатели на училиштето.Средбата беше исполнета со емоции и спомени. Некогашните учители повторно се сретнаа со своите ученици, се поздравуваа и прегрнуваа, а кај многумина се појавија и солзи радосници.

Сепак, меѓу присутните недостигаа и некои од оние кои низ годините биле дел од училишниот живот. На нив им беше оддадена почит со евоцирање на спомените.Свечената програма започна со поемата „За македонскиот јазик“ од Марија Александрова, која заедно со Александар Огненовски беа водители на програмата на македонски и англиски јазик.Присутните ги поздрави наставничката Мери Петковска, која воедно го прочита извештајот за историјата и 50-годишното постоење на училиштето.

Таа потсети на времето кога училишните клупи и таблите им припаѓале на учениците и наставниците, а училишниот двор бил место за дружење на родителите и за создавање нови идеи.Од тие средби произлегле и иницијативи кои оставиле трага во животот на македонската заедница во западниот дел на Сиднеј, меѓу кои формирањето на ФК „Македонија“ и КУД „Вардар“ во Бенкстаун.

Посебно беше истакнат придонесот на голем број луѓе кои низ годините му помогнале на училиштето да опстои. Меѓу нив беше споменат и Јорданчо Блажески, кој заедно со сопругата Роза и братот Роберт повеќе од две децении биле неразделно поврзани со училиштето, кое за нив претставувало вистински семеен дом.Во продолжение беа интонирани химните на Австралија и Македонија, проследени со бурни аплаузи.

Следуваше доделување благодарници на наставници, членови на управата и почесни гости.Меѓу гостите беа заменик-претседателот на Федерацијата за етничките училишта на Нов Јужен Велс, г. Тиру Тируанантакумар, и заменичката на градоначалникот на општината Бенкстаун, советничката Рашел Харика. Тие ги поздравија присутните и им посакаа успех на учениците. Пригоден извештај прочита и претседателката на Школскиот одбор за Нов Јужен Велс, г-ѓа Дијана Јовчевска.Особено атрактивен дел од прославата беше свеченото влегување на учениците, проследено со тапани и музика од бендот на групата USB.

Благодарници им беа доделени и на изведувачите, како и на сите ученици кои придонесоа за успешното реализирање на програмата.Свеченоста продолжи со сечење на јубилејната торта и доделување благодарници на сите оние кои на различни начини помогнале училиштето да опстои и да го дочека својот 50-годишен јубилеј.Вечерата ја благослови свештеникот Рубин Бојчевски, а музичкиот дел им припадна на Петар Јованов и „Браќата тапанџии“ од Волонгонг. Со нивната музика прославата продолжи до раните утрински часови.

Со завршувањето на прославата дојде и моментот на разделбата. Кај присутните остана и една тивка мисла – дали ќе го дочекаат и следниот јубилеј?Одговорот, сепак, е во идните генерации. Тие треба да продолжат да го изучуваат македонскиот јазик, да ја запознаваат македонската историја и култура и да го зачуваат чувството на национална припадност на далечниот австралиски континент.

И затоа, со посебна почит треба да се спомнуваат оние кои ги поставија темелите на училиштето: основачите Петре Јанкуловски, Ванѓел Настевски, Димко Марковски, Ацо Хрстиќ и Симе Наумовски, како и првите учители Васка Хрстиќ-Тодороска и Апостол Апостоловски.

Нивната визија и љубов кон македонскиот јазик и култура се темелот врз кој „11 Октомври“ стои веќе половина век – како сведоштво дека македонскиот збор, традиција и идентитет можат да се зачуваат и на илјадници километри од татковината.

Останати вести