Попис 2026: Да го покажеме бројот и присуството на Македонците во Австралија

Австралиското биро за статистика (ABS) продолжува со подготовките за Пописот на населението и домаќинствата 2026, кој ќе се одржи на 11 август 2026 година. Како дел од својата заложба за вклучување на сите заедници во Австралија, ABS обезбедува информации и поддршка на повеќе јазици, вклучувајќи го и македонскиот јазик.

Пописот претставува најголемо статистичко истражување во Австралија и има клучна улога во планирањето на услугите и инфраструктурата за локалните заедници. Податоците од пописот се користат за подобрување на здравствените услуги, образованието, транспортот, домувањето и други јавни потреби.

Според информациите на Австралиското биро за статистика, пред и за време на Пописот 2026 ќе бидат достапни преведени информативни материјали, аудио и видео содржини, телефонска поддршка преку преведувачки служби, како и помош на терен за лицата кои имаат потреба од дополнителна поддршка.

За македонската заедница е особено важно точно да ги наведе својот јазик, потекло и културна припадност во пописните прашалници. Податоците за јазикот што се зборува дома и етничкото потекло им помагаат на владините институции и организациите подобро да ги планираат услугите и програмите за македонската заедница во Австралија.

Според резултатите од Пописот 2021, во Австралија живеат повеќе од 111.000 лица со македонско потекло, додека над 66.000 лица го зборуваат македонскиот јазик во своите домови, што ја прави македонската заедница значаен дел од мултикултурното австралиско општество.

Дополнителни информации и материјали на македонски јазик се достапни на официјалната страница на Австралиското биро за статистика.

Кој треба да учествува

Секој што се наоѓа во Австралија ноќта на Пописот, вторник 11-ти август, мора да биде вклучен во пописниот формулар. Ова вклучува: носители на визи, меѓународни посетители и меѓународни студенти.

Пописот не ги вклучува австралиските жители кои се надвор од земјата ноќта на Пописот, ниту странските дипломати и нивните семејства кои живеат во Австралија.

Во формуларот мора да ги вклучите сите лица кои престојуваат во вашето домаќинство ноќта на Пописот, вклучувајќи посетители и бебиња. Пописот е задолжителен според Законот за попис и статистика. Вашите лични податоци се заштитени со закон и не се споделуваат со никого, вклучувајќи и други владини агенции.

Останати вести